Поранешен таен полицаец опишува што значи да живееш во лага и како успеал да го зачувал својот лажен идентитет додека кон него имало вперено оружје

Не е тајна дека да се биде полицаец е опасна професија, но сосема нов „уникатен збир на опасности“ се појавуваат кога вашиот живот зависи од чувањето на таа професија во тајност.

Пензионираниот полицаец од Манчестер, Гари Роџерс, се приклучил на силите како кадет во 1975 година, кога имал само 16 години, инспириран од приказните за работата што ги раскажал неговиот постар брат. Потоа станал оперативец за надзор приклучен на Регионалниот одред за криминал, каде видел полицајци кои работат на тајни задачи.

Кога се појавила приликата Гари и самиот да стане таен офицер, тој „знаел дека тоа е за него“ и ја искористил шансата, приклучувајќи се на новоформираното одделение во кое станал таен полицаец „со полно работно време“.

Како дел од работата, на Гари му било забрането да посетува полициски курсеви и социјални активности, што му дозволило да се „де-полицира“ и да се соживее со својата улога.

62-годишниот маж рече дека да се биде таен офицер има свои опасности бидејќи „може да се најдете сами, преправајќи се дека сте некој што не сте, на пример криминалец, за да се инфилтрирате полесно.

Тој ги опиша тајните полицајци како „посебна сорта на луѓе од кои понекогаш се бара да го направат невозможното“ и објасни: „Кога се преправате/глумите, мора постојано да бидете на „штрек“.“

За да не биде откриен од криминалните групи во кои се инфилтрирал, Гари морал да смисли „лажна приказна“ со која неговите нови познаници ќе го запознаат. „За да направите реален псевдоним тој треба да е сличен на вас, на пример само да го промените перезимето“, вели тој.

Гари имал пасош, возачка дозвола и кредитни картички на името Гари Макалинден. Иако измислувањето лажно име можеби е доволно едноставно, Гари рече дека напорната работа започнува со „запомнување на сето тоа, особено кога менувате ликови за секоја задача“.

Една грешка може да резултира со „крај на операцијата“, нагласи Гари, што значи дека е „многу важно никогаш да не ги измешате“. Како дел од она што е познато како „Длабока инфилтрација“, поранешниот полицаец, исто така, имал пристап до „вистински“ дом за неговиот псевдоним за да може да ги покани криминалците, и обично се претставувал себеси како вооружен разбојник, разведен, без врски со најблиските.

„Во текот на сите мои шест години како таен офицер со полно работно време ангажиран во операции и дома и во странство, горд сум што можам да кажам дека никогаш не сум бил откриен од некој со кој сум се инфилтрирал“, рече Гари.

Се разбира, криминалците вклучени во случаите на Гари го откривале неговиот вистински идентитет по апсењето, но со аудио и видео докази за да ги инкриминираат, ништо не можеле да направат во тој момент.

Меѓутоа, имало моменти кога полицаецот бил принуден да се чува во тајност, сеќавајќи се на една ситуација во која кон него имал вперена „сачмарка“  додека лицето што ја држело се смеело велејќи: „Подобро ќе е за тебе ако не си полицаец“.

Невербалната комуникација е клучна во ситуации како овие, според пензионираниот полицаец, бидејќи „говорот на телото може да ве разочара уште пред да ја отворите устата“. Тој рече дека неговата реакција се покажала како една од најважните работи, бидејќи се совпаднала со неговата самоуверена природа што му дозволила да остане неоткриен.

Откако се приклучил на одделот „Омега“ во 1989 година, Гари бил дел од тимот чија цел била да се справи со „фудбалскиот хулиганизам“ на натпреварите во Англија и во странство. Следната година, тој присуствувал на Светското првенство во Италија и се преправал дека е фудбалски хулиган заедно со уште пет офицери.

Опишувајќи го искуството како „огнено крштевање“, Гари се сеќава дека бил сведок на „многубројни насилни акти и неред додека англиските навивачи се судриле со навивачите на противничките тимови“. Маскирајќи се како членови на јавноста, Гари и неговиот тим можеле да соберат клучни информации и да помогнат да се спречи „насилното нарушување од големи размери“.

Поранешниот таен офицер во еден момент бил уапсен додека ја вршел својата тајна работа и се сеќава дека бил меѓу 40-те луѓе „држени во кафез“. Тој додаде: „Тоалетот за сите 40 беше дупка на подот во кафезот и мирисот беше ужасен“.

Иако Гари верува дека сите тајни операции во кои бил вклучен биле опасни „од една или друга причина“, тој открил дека „засиленото чувство на опасност кај секоја од нив го држи буден“.

Тој се опиша себеси како „среќен“ што неговата сопруга била покрај него во текот на целата негова кариера како таен полицаец, сеќавајќи се како морал да присуствува на вечерите носејќи лажни тетоважи и обетки и морал да избегнува разговори за тоа што работи.

По шест години тајно работење, кариерата на Гари  завршила по проблеми со „корумпираниот“ главен инспектор и „големата грешка“ за време на операцијата што доведе до локалните приватни детективи да го дознаат неговиот вистински идентитет, ситуација за која тој тврди дека е вина на полицијата на Манчестер.

Тој објасни: „Никогаш не сум се ослободил од навиката да скенирам соби кога влегувам за да барам познати лица, пријател или непријател, и тоа ќе продолжи до крајот на мојот живот“.

Минатата година, Гари ги детализираше своите искуства од тајното работење и како завршила неговата работа во книгата со наслов „Тајната полиција и корумпираното општество“, која беше објавена во ноември 2020 година.