Поранешна фитнес инфлуенсерка открива како славата на социјалните мрежи го уништиле нејзиното ментално здравје и станала зависна од лајкови

Поранешната фитнес инфлуенсерка Мадалин Џорџета (35) од Австралија открива како славата на социјалните мрежи го „уништила нејзиното ментално здравје“ и ја направила зависна од лајкови за потврда на својата вредност.

Мадалин, која пред тоа избегнувала фитнес и јадела нездрава храна, одлучила да го промени својот живот во 2016 година и започнала да ја документира својата трансформација на Instagram. Набрзо, една од нејзините објави станала вирална, и профилот ѝ се наполнил со следбеници.

За само една година, таа стекнала над милион следбеници и решила да го напушти својот редовен ангажман за да се посвети целосно на фитнесот. Меѓутоа, со текот на времето, сфатила дека славата на социјалните мрежи ја натерала постојано да биде загрижена за својот изглед и да чувствува дека не е доволно добра.

 

Во неодамнешно интервју за Business Insider, таа изјави дека на крајот решила да се откаже од своето „фитнес царство“, откако сфатила дека истовремено влијае негативно и врз нејзината слика за себе и врз многу други луѓе.

„Претходно добивав по 60.000 лајкови на фотографии во бикини и бев атлет за GymShark, а продавав и свои фитнес програми,“ објаснува таа. „Но кога сфатив дека промовирам штетни идеи за телесниот изглед, сменив насока. Сега добивам по 500 лајкови на графикон за нутриционистички совети и среќна сум дури и само поради тоа“.

 

Мадалин објаснува дека славата на социјалните мрежи ја стекнала случајно, откако лична тренерка објавила нејзина фотографија „пред и потоа,“ што веднаш ѝ донело илјадници нови следбеници. По овој успех, почнала да продава фитнес водичи, а потоа и да соработува со брендови и да развива фитнес апликација.

Сепак, огромниот притисок и зависноста од лајкови и продажби влијаеле на нејзиното ментално здравје. Таа постојано се споредувала со други и се чувствувала дека не е доволно добра, што на крај ја довело до точка на исцрпеност и намалена самодоверба.

Во 2019 година, започнала да размислува за негативните пораки кои ги праќа преку своите објави и решила да престане да промовира брендови што не се во склад со нејзините етички ставови – и покрај тоа што изгубила многу нарачки и следбеници. Почнала да го насочува својот профил кон едукација за здрава исхрана и културата на „анти-диети“, но се соочила со многу негативни коментари и загубила многу пријатели и следбеници од индустријата, што ја натажило.

„Секој пост добиваше негативни коментари, а многу луѓе престанаа да ме следат или чувствуваа дека ги осудувам затоа што им велев работи како: „Напуштете ги фитнес апликациите“, споделува таа.

Потоа, Мадалин се запишала на студии и дипломирала нутриционизам, па сега работи како „функционален нутриционист“. Престанала да оди во теретана бидејќи не можела да се погледне во огледало без да мисли: „Изгледаш лошо“, но неодамна, по пет години, повторно започнала со вежбање.

 

„Сè уште имам голем број следбеници на Instagram, но не се сметам за инфлуенсер бидејќи ретко соработувам со брендови. Го користам профилот за да стекнувам клиенти, да се поврзам со заедницата и да споделувам едукативни содржини за нутриција и фитнес“.

Таа изразува гордост за својата одлука и вели дека сега е многу посреќна и задоволна со тоа што е. Нејзините односи со себе, со своето тело, со партнерот и пријателите значително се подобриле.

„Само жалам што таа Мадалин тогаш толку се грижеше за тоа што мислат луѓето“, завршува таа.

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *