Портокалово небо и 4.000 луѓе во болници: Нереални сцени како резултат на климатските промени

Небото во Багдад стана портокалово, а градот изгледа апокалиптично поради силната песочна бура која зафати дел од земјата. Ирак е погоден од песочни бури поради климатските промени, зголемените температури и ретки врнежи. Најмалку 4.000 луѓе завршија во болници.

Училиштата, аеродромите и јавните канцеларии низ земјата се затворени поради прашина. Багдад е во портокалова боја. Ова е само едно од низата бури што ја погодија земјата во последните месец и половина, пренесува Дејли Мејл.

Освен Багдад, многу други градови се портокалови, вклучувајќи го шиитското светилиште Наџаф на југ и Сулејманија во северниот курдски автономен регион.

Жолтиот песок навлезе во многу домови, покривајќи ги покривите на зградите, автомобилите и улиците. Властите во седум од 18-те ирачки провинции, вклучувајќи го и Багдад, наредија затворање на владините канцеларии.

Здравствените установи останаа отворени за да им помогнат на најзагрозените, вклучително и постарите лица и луѓето кои страдаат од хронични респираторни и срцеви заболувања.