Портрет на Сноуден, направен од судски документи, се продаде за над 5 милиони долари

Свиркачот Едвард Сноуден собра милиони долари за својата фондација за новинарство од продажба на дигитална уметност. Автопортретот на 37-годишникот, создаден од страниците на американските судски документи, беше продаден на аукција за криптовалутата Ethereum вреден околу 5,5 милиони долари.

Сноуден преку твит им се заблагодари на понудувачите. Приходите се наменети за фондацијата „Слобода на печатот“, која ја води од 2017 година.

Сноуден, кој претходно работел за Агенцијата за национална безбедност на САД, откри обемни активности за шпионажа на американската влада пред да побегне од Соединетите држави – прво во Хонг Конг, а потоа во Русија, каде и денес живее. Сноуден беше обвинет во САД за загрозување на националната безбедност.

Правните документи што се користат за портретот на Сноуден се од судска одлука со која се прогласува за незаконско Агенцијата за национална безбедност на САД да собира телефонски податоци во својата земја.

Сноуден го продаде делото како NFT – незаменлив дигитален токен. NFT е дигитален „објект“ како цртеж, музика, фотографија или автентицирано видео создадено од технологијата „блокчејн“ што станува сè попопуларно.

Автентичноста зад компјутерските мрежи се смета за непробојна. Виртуелната ставка, што е всушност компјутерски запис, може да се продаде или размени заедно со сертификатот за автентичност.