После години борба со „демоните“ на менталното здравје почина легендарната ирска пејачка Шинејд О’Конор: Нејзината последна објава беше за син ѝ кој си го одзеде животот

Пред само 18 месеци Шинејд О’Конор остана уништена и со скршено срце поради смртта на нејзиниот сакан син тинејџер Шејн, откако тој си го одзеде животот. И вчера вечерта семејството на ирската пејачка објави дека таа починала на 56-годишна возраст по повеќегодишни битки со менталното здравје.

Во соопштението на нејзиното семејство се вели: „Со голема тага ја објавуваме смртта на нашата сакана Шинејд. Нејзиното семејство и пријателите се уништени и побараа приватност во овој многу тежок момент“.

 

Таа наиде на светска слава со хит-синглот „Nothing Compares 2 U“ од 1990 година, компониран од рок легендата Принс, кој стигна до број еден ширум светот. Песната беше придружена со моќно видео во кое таа плачеше, за што подоцна откри дека навистина плачела.

 

Околностите за смртта на г-ѓа О’Конор сè уште не се познати иако нејзините социјални мрежи можеби оставија малку сомнеж за кревката состојба во која се наоѓаше неделата пред нејзината смрт.

Во објава на Твитер пред само десет дена, таа даде увид во нејзината тага по губењето на Шејн во јануари 2022 година, тврдејќи дека тој бил „единствената личност што ме сакала безусловно“.

Неговата смрт на 17-годишна возраст, според пријателите на г-ѓа О’Конор, ја оставила сосема уништена, а една од нив вели: „Починувањето на Шејн ја остави нејзината веќе измачена душа уште повеќе измачена“.

 

Навистина, таа не ги криеше своите борби за ментално и физичко здравје – и ѝ беше дијагностицирано би-поларно растројство и болната состојба фибромијалгија. Четири пати во брак, таа се омажи за својот прв сопруг – продуцентот Џон Рејнолдс – во 1989 година, но нивниот брак траеше само две години. Таа потоа се омажи за новинарот на Дејли Мирор Ник Сомерлад во 2001 година.

Тие се разделија една година подоцна и во 2010 година таа се венча со австралискиот музичар Стив Куни – но нивната романса траеше само една година. Нејзиниот четврти сопруг беше Бери Хериџ.

 

Ирската пејачка е родена во проблематично семејство во Даблин на 8 декември 1966 година.

Подоцна во нејзиниот живот таа тврдеше дека почнала да има проблеми со менталното здравје бидејќи нејзината мајка физички и сексуално ја малтретирала како дете.

Таа била сместена во поправно училиште на 15-годишна возраст по кражби во Даблин. Таму некој го забележал нејзиниот музички талент и ѝ купил гитара и ја запишал на часови.

Преку реклама во едно музичко списание во Даблин, таа го запознала Колм Фарели, во 1984 година и заедно го формирале бендот Тон Тон Макаут и на тој начин таа го привлече вниманието на глобалната музичка индустрија.

А сега да се потсетиме на нејзиниот хит и преубавата песна:

Доколку сакате добра акција или пак забегани и жестоки случки само за најхрабрите читатели, тогаш посетете го каналот Жестоко. Предупредување: Содржините може да ве вознемират!

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *