Последната фотографија на Гоце Делчев, еден ден пред убиството, сведочи за последните среќни моменти на големиот револуционер
Секоја година на 4-ти мај повторно и повторно се збогуваме од големиот револуционер Гоце Делчев, човек кој што ја промени македонската историја и човек кој го даде својот живот за подобро утре на луѓето од ова парче земја.
Една фотографија наводно сведочи за неговите последни моменти поминати со пријателите, каде што ужива на релаксирачки пикник со добро пиво. Се верува дека фотографијата е направена токму пред Делчев да тргне кон Баница, серско, каде што загина на 4 мај 1903 година.
Фотографијата е направена на Владајска река. Во средина, до Гоце Делчев седи Бојан Биолчев од чија архива е и земена фотографијата, Биолчеви, Прилепска фамилија, инаку внук на Биолчев исто така Бојан, ректор на софискиот универзитет (многу Македонци на високи функции имало во бугарското општество), лево од Бојан е неговата бремена сопруга Викторија. Лево од Делчев е Татарчев, а сосем десно Ѓорчев. Бојан му бил соученик на Гоце Делчев во гимназијата.
Сепак иако јасно се гледа дека станува збор за Гоце Делчев на фотографијата не е јасно дали навистина фотографијата е направена пред Гоце да тргне кон својот кобен ден. Затоа што Гоце кон Баница тргнал од Солун по неуспешната средба со Даме Груев (април, Велигден 1903) и брзал кон Пирин каде требало да го пречека Јане Сандански за да го организираат Серскиот конгрес на кој би била донесена конечна одлука за Илинденското востание во тој крај. Затоа се верува дека е помалку веројатно дека големиот револуционер имал време за ваков опуштен пикник со пријателите.
Гоце Делчев кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Апостолот и срцето на револуционерна Македонија се школувал во Кукуш, каде што завршил прогимназиско образование (1879– 1887), во Солун, во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ каде што раководел таен ученички револуционерен кружок, и во Софија во Военото училиште (1891–1894).
Кобниот ден на Гоце Делчев
Постојат повеќе верзии за неговото загинување, изнесени од непосредните сведоци на неговата смрт. Михаил Чаков истакнува дека взори бил разбуден од еден полјак од селото кој му јавил дека Баница била полна со аскер. Потоа го упатил кај Гоце за да му го соопшти истото. Меѓутоа штом полјакот слегол доле бил прибран од аскерот. Чаков слегол долу и се упатил кон куќата каде што бил сместен Гоце. Од таа куќа излегле две девојчиња, кои му рекле и тој да се прибере во таа куќа. При средбата, Гоце направил распоред за одбраната, а потоа, штом забележал дека војската одела по куќите и претресувала, заповедал да излезат и тргнат низ селото.
Пејо Јаворов дава малку поинаква верзија. Рано изутрина Гоце и другарите биле разбудени од некоја баба која им рекла: Станете, момци! Аскер го загради селото и пребарува по куќите. Гоце и комитетите биле готови за борба. Војската пребарувала по куќите и го собирала населението. Тие стигнале до куќата каде што бил Гоце со другарите. Гоце предложил да излезат од селото за да не биде запалено. Наместо да го чека мракот во утврдената камена куќа, наредил да излезат и да тргнат низ селото. По решението на Гоце, сите излегле на улица и се провлекувале до крајот на селото, каде што се наоѓала последната војска, и според Јаворов, Гоце извикал: Легнувајте! Првата пушка тој ја пукнал.
Сите залегнале, а Гоце, според Чаков, застанал простум да ја полни пушката. „Како луд му свикав: Легнувај, Гоце! Легна, но на самото легнување еден куршум го пронижа во левата града, и тој падна врз својата пушка… ги кладе двете раце наземи и се обиде да се крене гледајќи кон другарите што беа се растуриле покрај ѕидот на куќата и ги рече последните зборови: ‘Ах, момци, рани…’“
„Петнаесет часа ние го гледавме мртвиот Гоце, наведнат, чиниш, врз грбот на Македонија. И петнаесет часа ни се кинеа срцата.“, изјавил Димо Хаџи Димов, близок соработник и пријател на Гоце, и самиот учесник во борбата кај Баница.
„Јас не ги мразам Османлиите како народ, јас војувам против османлиската тиранија како владејачки систем…“, се зборовите на Гоце. Тој бил човек пред своето време, точно знаел како да го препознае „гнилото“ и како да ги залечи „раните“ на Македонија. Единствената рана кој остана неизлечена е онаа од куршумот кој го погоди на овој ден во далечната 1903 година. Неговото дело никогаш нема да биде заборавено, слава му!