Постар брачен пар од Индија го тужи својот син затоа што не добиле внуче и бараат оштета од 620.000 евра

Пензиониран брачен пар од Индија, Сајнеев Прасад, 61, и неговата жена Садана, 57, го тужат сопствениот син за
претрпена „ментална агонија“, бидејќи сѐ уште не добиле внуче. Бараат оштета со висина од 620.000 евра.

Тие велат дека нивниот син Шреј Сагар и неговата жена Шубанги имаат договорен брак од 2016 година, но сѐ уште немаат деца. Родителите се револтирани, бидејќи  потрошиле цело богатство за раскошната венчавка на својот син, а згора на сѐ, им платиле и меден месец во Тајланд.

„Шреј и Шубанги мора да имаат дете во рок од една година или ќе си платат“ – категоричен е брачниот пар.

Шреј бил обучуван за пилот во САД на трошок на неговите родители, но во 2007 година се вратил во Индија.

Овој брачен пар им купил нов скап автомобил, марка Ауди, и ја финансирале венчавката. Велат дека цел живот го посветиле на синот и сметаат дека заслужуваат да добијат внучиња. Во спротивно, да им биде платена оштета. Дополнителен стрес им предизвикува фактот дека имаат и финансиски проблеми поради кредитот кој го подигнале за реновирање на куќата, а сепак живеат сами.

Обвинението поднесено до Окружниот суд Харидвар беше наведено како „ментална агонија и вознемирување“.
„Овој случај ја прикажува вистината на општеството. Ние инвестираме во нашите деца, ги правиме способни да работат во добри фирми. Децата им должат на родителите основна финансиска грижа. Родителите побараа или внуче во рок од една година или парична компензација“ – вели адвокатот Арвинд Кумар Шривастава. Поднесената петиција ќе биде разгледана во судот во северна Индија на 17 Мај и дури тогаш официјално ќе бидат повикани обвинетите Шреј и Шубанги.

Индија е позната по нивните силно поврзани семејни врски со многу генерации, кои живеат во заедница, и така функционираат со години наназад. Но, веќе се менува трендот и кај нив, со тоа што младите одлучуваат да живеат одвоено, па дури и жените се фокусирани повеќе на својот професионален развој отколку само да седат дома и да чуваат деца.