Поучна приказна: Зошто никогаш не треба да си ја „разголуваме“ душата?
Еднаш една мудра, убава и добра млада девојка, дошла во домот на еден мудрец со солзи во очите. Таа била прилично вознемирена и од мака клекнала пред мудрецот и почнала да раскажува што ѝ ја „јаде душата“:
„Не можам повеќе мудрецу. Јас сум многу разочарана од луѓето. Секогаш се обидувам да бидам мила и добра и да им помагам на сите колку што можам… Не навредувам никој. Сепак, не добивам многу благодарност и почит. Напротив, тие ме исмеваат, ме навредуваат, а понекогаш и тие се отворено непријателски настроени кон мене. Те молам, кажи ми што треба да правам.“, раскажала низ плач девојката.
Мудрецот смирено ја сослушал, малку се подразмислил, а потоа ѝ кажал нешто што девојката воопшто не очекувала дека ќе го слушне од него:
„Стани, соблечи се и шетај гола по улиците.“, одлучно рекол мудрецот.
Девојката навредена од неговиот одговор му возвратила: „Но, тоа е лудост! Како може вакво нешто да ми помогне? Освен тоа што ќе ме навредуваат уште повеќе?“
Потоа мудрецот ја отвори вратата и ставил огледало на масата. Потоа ѝ се обратил на девојката:
„Гледаш ли, сметаш дека е лудост да шеташ гола по улицата, но сепак шеташ со разголена душа. Отворена е како оваа врата и секој може да влезе во твојот живот. Од друга страна, луѓето ја гледаат твојата душа како огледало, без оглед на твоите доблести, тие ги гледаат нивните пороци како се рефлектираат. И така тие се обидуваат да те клеветат понижат и повредат. Злобната личност е секогаш во спротивност со добрата, прво, затоа што не сака да признае дека некој е подобар, и второ, затоа што не сака да се промени.“
„Добро, но јас што да правам?“, го прашало девојчето.
„Дојди, ќе ти ја покажам мојата градина”, ѝ одоговрил мудрецот, ја однел во градината и продолжил со разговорот:
„Многу луѓе се лицемерни и лажни и ги злоупотребуваат доблестите на другите. Затоа, не ја разголувај својата душа толку лесно. Биди мудра и трпелива и откривај ги своите квалитети малку по малку кога ќе ја запознаеш личноста пред себе подобро. Еве погледни ги цвеќињата во мојата градина. Тие ги отвораат пупките постепено кога некој ќе се грижи за нив и ќе ги напои. И, тие ја споделуваат својата убавина со оние кои имаат очи и срце за тоа. А луѓето што ги кинат своите цвеќиња и ги ставаат под нозе, никогаш не го допираат нивниот мирис и убавина. Биди како цвеќињата. Откривај ја убавината на твоето срце полека и внимателно. И само за оние што можат да го ценат тоа.“
„Човечката душа е чудна работа, никој не знае каде се наоѓа, но секој знае како боли.“