Поучна приказна за посреќна 2022 година: Специјалниот гостин
Еден богат и влијателен човек подготвувал голема забава за својот роденден. И додека тој ја разгледувал листата на гости, одеднаш од некаде се појавила убава и исклучително шармантна жена.
„Која си ти?“, Ја прашал, изненаден од нејзината убавина и невообичаено харизматично присуство.
„Моето име е Љубов“, рекла непознатата жена со топол глас и слатко се насмевна.
Домаќинот не можел да го тргне погледот од неа и се прашувал како да ја задржи подолго. Жената како да ја исполнила целата соба со своето извонредно присуство, а тој се чувствувал особено смирен и спокоен. Во тој момент погледнал во списокот на гости што го држел во раце и одеднаш му дошла идеја.
„Вечерва ќе има голема забава кај мене дома“, почнал неизвесно. „И јас многу би сакал да Ве поканам. Ве молам бидете ми специјален гостин.“
„О, Ви благодарам за љубезната покана, но морам да Ви кажам дека никогаш не сум сама. Имам многу пријатели кои секогаш се покрај мене. Значи, ако не ви пречи да дојдат, со задоволство ќе ви бидам гостин.“, му одговорила Љубов.
„Секако дека немам ништо против“, среќно извикал богаташот. „Во мојата куќа има доволно простор за сите и со задоволство ќе ги пречекам вашите пријатели.“
Вечерта почнале да пристигнуваат гостите, а додека седнале околу богатата маса, домаќинот со нетрпение ги испитувал гостите, барајќи ја меѓу нив прекрасната Љубов. Но, неа ја немало. Во еден момент на вратата забележал неколку луѓе, кои првпат ги видел. Изгледале мизерно, носеле искината, стара облека, а некои изгледале болно и тешко се движеле. Кога вратарот од куќата тргнал да ги испрати, богаташот веднаш сфатил дека можеби тоа се пријателите за кои зборувала мистериозната жена и наредил да седнат на масата.
Вечерата започнала, а Љубовта не дошла. Но, домаќинот како да го почувствувал нејзиното присуство, да го почувствувал истиот мир и спокојство што го обземале во текот на денот. Сите негови стравови и вознемиреност испариле, а неговото срце било исполнето со посебно чувство на мир и добрина.
И во еден момент го слушнал познатиот топол глас: „Дали се чувствуваш добро со мене?“
„Тешко ми е да опишам“, возбудено рекол човекот. „Иако не те гледам, го чувствувам твоето присуство и тоа ме исполнува со бескрајна топлина и неопислива среќа. Никогаш во животот не сум се чувствувал толку смирено и среќно. Светлина ми е на душата, ја гледам смислата на работите за кои не сум размислувал досега…“
„Се додека се грижиш за моите пријатели, се додека не одбиваш помош за сиромашните и болните, јас секогаш ќе бидам со тебе и секогаш така ќе се чувствуваш“, нежно рекла Љубовта.
„Но, зошто не можам да те видам, Љубов?“, прашал богатиот.
„Затоа што се населив во твоето срце.“, му одговорила Љубов.