Прабаба ја зеде круната на натпревар за убавина кој предизвика бурни реакции бидејќи има за цел да им оддаде почит на преживеаните од Холокаустот

Изборот „Мис Холокауст“ се одржа во Ерусалим овој месец, а прабабата Селина Стајнфилд беше крунисана како победничка во вторникот вечерта, на 16 ноември.

Родена во Романија во 1935 година, Стајнфилд претрпела насилство од нацистите за време на нејзиното детство, пред да емигрира во Израел во 1948 година. Сега, на 86-годишна возраст, таа го посветува своето време за да се осигура дека останатите преживеани од Холокаустот не се осамени.

Прабабата беше крунисана за победничка на изборот откако беа избрани 10 финалисти од 200 учесници на возраст меѓу 70 и 90 години, од кои сите преживеале во нацистичките логори на смртта.

За прв пат во историјата на натпреварот, членовите на јавноста можеа да го кажат своето мислење со оценка за секоја жена, при што натпреварувачите се оценуваа не само според изгледот, туку и „како придонесуваат за општеството и колку се среќни во нивниот живот“.

Коментирајќи за нејзината победа, Стајнфилд рече: „Немам зборови, не знам што да кажам. Се надевам дека сите ќе разберат дека треба да бидете среќни и задоволни во вашиот живот и да правите добри работи. Бидете човечни еден кон друг“.

Идејата за натпреварот е на Шимон Сабаг, основач и извршен директор на организацијата „Yad Ezer l’Haver“, која им помага на преживеаните.

Тој сподели:

„Пред околу 13 години слушнав како некои преживеани од холокаустот разговараат со психолози и рекоа дека пропуштиле многу работи од детството… тогаш дојдов до идеја за натпревар за убавина. Решивме да се обидеме да им помогнеме да почуствуваат дел од среќата што им недостасува“.

Сабаг рече дека не добил „ништо освен пофалби“ од преживеаните откако почнал да го води настанот, иако многу други, вклучително и Јаел Ебенштајн, чија мајка, Ноеми, го преживеала концентрациониот логор Страшхоф во Австрија, мислат дека настанот не е соодветен.