Прашање до министерката за образование Весна Јаневска: Зошто ниту еден германски медиум не објави за успехот на нашиот Македон?

Министерката за образование и наука Весна Јаневска лично го прими и претстави единаесетгодишниот Македон Димитровски на завршната панел-дискусија на кампањата „Магијата е во знаењето”. Соопштението на МОН го опиша како „исклучително надарено дете” чие учество „внесе дополнителна инспирација во дискусијата”. Поводот – златен медал на „Германската математичка олимпијада” во Frankfurt, за кој масовно известуваа македонските медиуми.

Едно битно прашање им промакна и на министерството и на десетината медиуми што бомбастично го пренесоа истото соопштение од таткото на детето: зошто за овој „европски успех” нема ниту еден ред во Bild, Spiegel, Tagesschau, Zeit или Welt? Натпревар кој според македонските текстови е „еден од најреномираните во Европа” и „светска елита” не постои на радарот ниту на медиумите во земјата каде се одржува.

Точно е дека Македон си бил на натпревар. Татко му го пријавил, собрал донации од приватни фирми од неколку илјади евра, платил за учество во Франкфурт, Македон си ги решавал задачите и му дале медал. Тоа е приватна работа на едно семејство и не е спорно. Спорно е друго.

Тоа што МОН го претстави ова како олимпијада, значи дека никој во МОН нема поим што е тоа олимпијада.

Што е всушност тој натпревар

German Math Olympiad е приватен онлајн натпревар управуван од Main Team Organization LLC, компанија регистрирана во Њујорк и Германија, која го продава истиот формат под пет различни имиња (German Math, STEM Olympiad, NEO Science, Hi-Lingua, Coding Olympiad). Сите водат до иста дестинација: платено финале во Frankfurt.

Влезот е слободен, секое дете кое сака се пријавува, без никаква селекција. Натпреварот е целосно со заокружување на еден од повеќе понудени одговори (A/B/C/D), во траење од 60 минути, со 30 прашања. Онлајн рундите се бесплатни. Парите се прават кога ќе се стигне до Германија.

Колку чини финалето во Frankfurt:
– 2.000 € по дете за рана регистрација
– 2.250 € за редовна
– +950 € за самостојна соба
– +1.000 € за пост-патување до Париз

Овде доаѓа клучната бројка. Според организаторот, во прелиминарната рунда оваа година се пријавиле 20.000 деца од 173 земји, а во финалето поминале 4.160. Дури и ако само десетина проценти отпатуваат во Frankfurt, приватниот оператор инкасира над 8 милиони евра за една година од бесплатни онлајн квизови.

Споредбата што МОН требаше да ја направи

Задача од German Math Olympiad за тинејџери (9-11 одделение):

Факторизирај 2x² + 7x – 15.
A) (2x+5)(x-3)
B) (2x+3)(x-5)
C) (2x-3)(x+5)
D) (2x-5)(x+3)

Стандардна задача од прва гимназија. Со понудени одговори, на која може да се дојде и со замена на бројки.

Задача од македонскиот државен натпревар, 6-то одделение (2024):

Одреди ги сите прости броеви p за кои важи 2¹⁶ < p³ < 16¹⁶.

Без понудени одговори. Решението бара трансформирање на степени, заклучок дека 32 < p < 48, и наоѓање на простите броеви: 37, 41, 43, 47. Ова е првата задача за најмладите учесници (11-12 годишни деца) на државниот натпревар во Македонија, иста возраст како Македон.

На сериозните меѓународни олимпијади (ИМО, БМО, ЈБМО), учениците решаваат по 3 задачи во рунда, во траење од 4 до 5 часа, со целосни решенија и докази. Не постојат понудени одговори. Не постои погодување. Така изгледа вистинска олимпијада.

Што е со вистинските олимпијци со кои Македонија треба да се гордее?

Додека МОН организираше прием за дете чиј натпревар е заокружување одговори A/B/C/D, родителите на учениците кои навистина ја претставуваат Македонија се револтирани. Тие деца поминуваат низ четиристепен селективен систем (општински, регионален, државен и национална селекција) и ги носат вистинските медали од ИМО, БМО, ЈБМО, ЕGMO, како и од олимпијадите по информатика, физика, хемија и биологија.

Алексиј Тасиќ оваа година освои златен медал на Меѓународната математичка олимпијада во Австралија, вистинска светска елита, признаена од сите научни асоцијации во светот. Македонскиот тим освои и сребро и три пофалници и заврши на 29-то место во светот.

Реакциите на родителите на тие деца се остри:

„Ниту еден од нив досега не бил поканет на официјален прием кај министерката“, вели мајка на еден олимпиец.

„МОН не им ги покрива ниту авионските карти за патувањата на меѓународните олимпијади.“

„Зошто Македон не го пријавуваат на официјалните училишни натпревари?“

„Нашите деца со години минуваат низ целогодишен циклус натпревари, државни селекции и изборни тестови за да обезбедат место во националните тимови. Тие носат медали и огромни успеси за Македонија. Но, ниту едно од тие деца досега не било поканет на официјален прием кај министерката”, велат родителите.

Што е вистинскиот пропуст

Македон е дете и не сноси никаква одговорност. Татко му го пријавил, решавал задачи, освоил место, добил медал на натпревар на кој се пријавил. Тоа е негова работа и неговото постигнување го вреднува неговото семејство.

Пропустот е на институцијата. Министерството за образование и наука имаше должност, пред да организира прием и да испрати соопштение до сите медиуми, да направи нешто едноставно: Да го отвори сајтот germanmath.org, да прочита што е натпреварот, како функционира, и кој го организира. Тоа е работа од половина час.

Тоа не било направено. Или било направено, но не се сметало за важно. Двете варијанти се проблематични.

Уште потешко е прашањето на пораката. Кога министерката лично прима дете чиј натпревар е заокружување, додека во истиот период децата кои носат вистински медали од ИМО и БМО за Македонија сами си ги плаќаат авионите, каква порака се испраќа до сите ученици во земјата? Дека вреди медиумската самопромоција, не вистинскиот труд?

Зборот „талент” не е приватна сопственост на родител со фејсбук-објава. Тој збор е институционална обврска. Ако МОН не го знае, тогаш кампањата „Магијата е во знаењето” е без магија и без знаење, само маркетинг.

И затоа можеби е логично што ни Bild, ни Spiegel, ни Tagesschau не го забележале „европскиот успех” во Frankfurt. Зашто немало што да забележат.

Извори: germanmath.org, main-team.org, stemolympiad.org, smm.org.mk, Соопштение на МОН од кампањата „Магијата е во знаењето”, Реакции на родители на ученици-олимпијци

Смеењето е најслатко кога е на своја сметка. Дознајте какви несекојдневни работи се случуваат во секојдневниот живот на Македонците на каналот Македонски несекојдневни ситуации. Испратете своја смешна слика или видео овде.

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *