Пред 148 години на денешен ден пристигна првиот воз во Македонија

Градот Велес ја има најстарата железничка станица во Македонија и токму тука има започнато историјата на македонскиот железнички сообраќај. Во далечната 1873 година на 9-ти април пристигна првиот воз од Солун до Велес. Поради тоа, 9 април е прогласен за Ден на македонските железничари. За жал не можеме да кажеме дека железничкиот сообраќај во Македонија оттогаш има еволуирано, туку напротив, нашата држава е прилично „отсечена“ кога станува збор за железничкиот сообраќај.

Станицата постојано била разрушувана како последица на војни, но првата во Велес и Македонија се наоѓала во близина на Стар Мост, изградена во 1873, годината кога поминал и првиот воз. Станицата била уништена и во Првата и во Втората светска војна, но повторно била изградена.

По пристигање на првиот воз пругата е доградена и до Скопје, каде првиот воз е свечено пристигнат на 9-ти август 1873 година. На 25-ти август 1926 година била пуштена и линијата Велес- Кочани. На 19-ти септември 1932 година започнато е градењето на пругата Прилеп- Велес преку Богомила, која била завршена на 20-ти јануари 1936 година. Со тоа Велес се поврзал и со Битола, бидејќи пругата претходно била само во правец од Солун. Така е завршена целата железничка мрежа во земјава.

Иако транспортот и патувањето со воз било многу споро, бидејќи возовите се движеле со брзина од околу 30-40 км на час, сепак донеле голема промена во трговијата. Наместо со каравани и коњи сега велешаните својата стока ја пренесувале со помош на железничкиот сообраќај.

Поради ова полека почнало да исчезнува гемиџиството, сплавовите кои по Вардар пренесувале роба.