Преодната точка во романтичните врски што може да го најави нивниот крај
Завршувањето на една романтична врска обично не се случува ненадејно, туку почнува да се навестува една до две години пред раскинувањето. Според резултатите од една психолошка студија, завршната фаза на една врска се состои од две етапи. Прво, задоволството од врската постепено се намалува сè додека не достигне преодна точка – момент што настанува една до две години пред раскинувањето
„Од оваа преодна точка натаму, доаѓа до брзо влошување на задоволството во врската. Потоа, двојките неизбежно се движат кон разделба“, вели професорката Јанина Билер од Институтот за психологија при Универзитетот Јоханес Гутенберг во Мајнц (JGU). Истражувањето е спроведено во соработка со професорот Улрих Орт од Универзитетот во Берн, а нивната студија е неодамна објавена во списанието Journal of Personality and Social Psychology.
Истражување базирано на национални студии од четири земји
Познато е дека задоволството во врските опаѓа со текот на времето, особено во првите години, а значително ниска точка често се достигнува по десет години заеднички живот. Наместо да ја анализираат динамиката на врската од почетокот, Билер и Орт се фокусирале на периодот пред самото раскинување.
За тоа користеле податоци од четири репрезентативни студии спроведени во Германија, Австралија, Обединетото Кралство и Холандија. Овие земји припаѓаат на групата WEIRD (Западни, Образовани, Индустријализирани, Богати, Демократски), каде што луѓето, според законите, имаат слобода сами да одлучуваат за својот љубовен живот. Во истражувањето биле вклучени 11.295 лица кои се разделиле со своите партнери, а за споредба бил формиран контролнa група од парови кои останале заедно.
Две клучни фази во падот на задоволството
Истражувањето покажало дека распадот на врската обично поминува низ две главни фази:
• Предтерминална фаза – оваа фаза трае неколку години и се карактеризира со мало, постепено намалување на задоволството.
• Терминална фаза – започнува со преодната точка, по што задоволството од врската драстично се намалува. Оваа фаза трае од 7 до 28 месеци, во просек една до две години, пред финалното раскинување.
„Откако ќе започне терминалната фаза, врската е практично осудена на пропаст. Ова го докажува фактот што само луѓето во групата што се разделила поминуваат низ оваа фаза, додека кај контролната група не се забележува ваков пад“, објаснува Билер.
Различно доживување на крајот од врската
Истражувањето покажало дека партнерите ја доживуваат преодната точка на различни начини. Оној кој иницира раскинување, веќе бил незадоволен долго време. Од друга страна, партнерот кој ја прима веста за разделбата, ја чувствува преодната точка многу пократко пред самото раскинување и доживува нагло намалување на задоволството.
„Паровите не се разделуваат преку ноќ. Овие процеси се случуваат во повеќе фази и не влијаат подеднакво на двајцата партнери“, додава Билер.
Важноста на раното препознавање на проблемите
Истражувањето покажува дека многу парови бараат помош предоцна, односно дури откако ќе ја поминат преодната точка.
„Затоа е важно да се препознаат овие обрасци во врските. Ако се преземат мерки во предтерминалната фаза – односно пред ситуацијата да се влоши драстично – шансите за зачувување на врската значително се зголемуваат“, заклучува Билер, која работи и како терапевт за парови.
Коментирај анонимно