Препорака за топ 5 природни убавини на Македонија од фотографот Александар Алексовски

Во периодот кога многу работи не функционираат како во нормални услови голем број на луѓе се одлучија своето време да го поминат на најинспиративното место, природата. Македонија навистина изобилува со прекрасни локации кои ги будат сите човечки сетила и доколку некои од нас сѐ уште не се убедени да тргнат на прошетка низ Македонија тука се фотографиите на Александар Алексовски кои дефинитивно ќе ве предомислат.

Александар се вљубил во фотографијата во 2014 година и оттогаш ја креира својата „приказна“. Фотографиите ги објавува на својот профил на Инстаграм и ја споделува својата радост со следбениците. Ние денес ќе споделиме со вас дел од локациите, а за да видите што сѐ видел Александар низ објективот следете го на Инстаграм.

Што те инспирира да фотографираш?

Брана Гратче

Од кога паметам за самиот себе знам дека отсекогаш ме привлекувала уметноста. Фотографијата за мене претставува еден вид на уметност преку која можеме да ги изразиме нашите емоции, гледишта, порака и сето тоа да го пренесеме до другите личности што ќе ја погледнат таа фотографија. Токму тоа ми претставува голема мотивација кога ќе успеам да пренесам дел од мене преку фотографијата што ја сликам, кога некоја личност ќе осети потреба од авантура да го посети насликаниот пејсаж.

Како започна приказната?

Баргала

Првото поглавје од приказната започна во 2014та година кога одлучив да се подновам со фотоапарат, од возбуда првите слики што ги имав сликано беа од мајка ми и од татко ми додека спијат и нивната реакцијата на блицот како ги буди. Од тогаш па натаму кај и да се движев заедно со мене го носев и апаратот, за да можам да го зачувам секој момент што ми беше од значење. Во целата таа приказна совршено се надополни и желбата за патување, планинарење и истражување на нови непосетени места.

Раскажи ни за некоја од твоите авантури низ природата во Македонија

Виничко Кале

Македонија изобилува со природни убавини, реки, водопади, езера, национални паркови, прекрасни планини кои се распространети низ поголемиот дел од територија на државата. Тука и започа моето истражување на убавините на Македонија преку планинарењето и прошетките до околните планински села. Првата планинска тура ми беше на планина Бистра, поминувајќи низ селото Галичник засекогаш ќе ми остане во паметење магичниот поглед што го нуди тоа место, кој ме натера да се навратам повторно и да го истражувам националниот парк Маврово.

Беровско езеро

Следуваше искачување на највисокиот врв на наша територија Голем Кораб кој до ден денес ми е една од најубавите планински тури на кои што сум бил, прошетка до село Ростуше и посета на водопадот Дуф. Истражувањето продолжи на Шар планина и Караниколичко езеро каде што посакувате моментот да трае засекогаш. Лешница која се одликува со бујни тревни предели, густа зимзелена и букова шума, како и со богата флора и фауна која е специфична само за овој предел, особено шумските плодови како боровинки, малини кои претставуваат совршено попатно освежување.

Колешински водопад

Потоа водопадите на Кривошијска Река, кои оформуваат камени кади со полуотворени пештери, на тој начин создавајќи базени од студена вода во која може да се разладите само на краток момент. Моето истражување на Македонија продолжи и кон Брегалничкиот слив, благодарение на програмата за зачувување на животна средина „Со грижа до бериќет“. На тој начин научив многу нови работи и посетив природни убавини за кои не сум знаел дека постојат на нашата територија на Македонија. Дел од нив се село Софилари и околината каде што се наоѓа македонската степа на чија територија пред 30 милиони години имало огромен океан Тетис кој што ја покривал целата почва, која што претставувала морско дно. Како доказ за тоа сведочат и остатоците од фосилизирани школки и корали, кои сеуште можат да се најдат на почвата, како и морската сол.

Гумалево, Зелениково

Село Лесново и остатоците од вулканите кои биле активни пред неколку милиони години, Ченгино Кале локалноста околу истоимениот карактеристичен врв на Малешевските Планини каде се наоѓаат стари вековни дрвја, Кукуље што претставува уникатна релјефна појава на камени кукли односно земјени пирамиди, со одличен поглед на густа шума, богат растителен и животински свет. Сето ова е само мал дел од природните убави што ги нуди нашата земја, за кои треба сите ние да допринесеме во нивното зачувување, за да можеме и понатаму да уживаме во истите.

Препорака за топ 5 природни убавини?

Многу е тешко да одвојам само пет природни убавини бидејќи ги има премногу што ми се драги, но можам да наведам некои со кои би можеле да го започнете вашето истражување доколку ги немате посетено.

Дуф водопад

Ченгино кале

Лешница

Пехчевски водопади

Кукуље

Кораб

Караниколичко езеро