Причината за појавата на Алцхајмеровата болест кај една личност може да доаѓа од внатрешноста на устата
Во последните години, сè повеќе научни истражувања ја поддржуваат вознемирувачката хипотеза дека Алцхајмеровата болест можеби не е само последица на стареењето на мозокот, туку резултат на инфекција.
Иако точниот механизам на оваа можна инфекција сè уште не е целосно разјаснет, бројни студии покажуваат дека ширењето на Алцхајмеровата болест е многу покомплексно отколку што претходно се мислело.
Што вели истражувањето?
Една студија од 2019 година, предводена од микробиологот Јан Потемпа од Универзитетот во Луисвил, откри присуство на бактеријата Porphyromonas gingivalis – главниот причинител на хроничен гингивит (познат како болест на непцата) – во мозоците на починати лица со дијагностицирана Алцхајмерова болест. Ова не е првпат да се поврзат овие два фактори, но истражувањето отиде чекор подалеку.
Во експерименти со глувци, орална инфекција со оваа бактерија довела до нејзина колонизација на мозокот и зголемено производство на амилоид бета (Aβ) – леплив протеин кој е клучен белег на Алцхајмеровата болест.
Истражувањето го координирала биотехнолошката компанија Cortexyme, кооснована од првиот автор Стивен Домини. Иако не тврдат дека дефинитивно ја докажале причинско последичната врска, тие сметаат дека имаат силен правец за истражување. „Инфективни агенси досега биле поврзувани со Алцхајмерова болест, но доказите за причинска поврзаност не беа убедливи“, изјави Домини. „Сега, за првпат, имаме цврсти докази што го поврзуваат внатрешноклеточниот патоген P. gingivalis со патогенезата на Алцхајмер.“
Важно е да се истражат сите причини
Дополнително, тимот идентификувал токсични ензими наречени гингипаини, кои бактеријата ги лачи и кои биле пронајдени во мозокот на пациенти со Алцхајмер. Овие ензими биле во корелација со две други карактеристики на болеста – протеинот тау и ознаката убиквитин.
Најзагрижувачки, истите токсични гингипаини биле најдени и кај починати лица кои никогаш не биле дијагностицирани со Алцхајмер. Тоа може да укаже дека инфекцијата започнува многу пред појавата на симптомите, можеби дури во средна возраст. Авторите истакнуваат дека откривањето на гингипаини и кај лица со Алцхајмерова патологија, но без дијагностицирана деменција, покажува дека инфекцијата не е резултат на лоша орална хигиена поради деменцијата, туку рана причина за патолошките промени.
Иако сè уште се работи на потврда на овие откритија, научната заедница е претпазливо оптимистична. „Лековите што ги таргетираат токсичните протеини на бактеријата досега покажаа ефект само кај глувци, но со оглед дека нема нови терапии за деменција повеќе од 15 години, важно е да се истражат сите можни пристапи за справување со болести како Алцхајмеровата,“ изјави Дејвид Рејнолдс од „Alzheimer’s Research“.
Коментирај анонимно