Што се случи со еден од најстарите планинарски домови во Македонија „Дервен“, кој на денешен ден настрада во голема несреќа

Планинарењето е одличен начин да си ги наполниме батериите со чист воздух, прекрасни глетки и мир во душата. Планинарските домови отсекогаш биле место за убава дружба и забава на луѓето кои ја ценат природата. За жал не секој планинарски дом успева да го преживее забот на времето.

Планинарскиот дом „Дервен“ е започнат во 1951 година, а неговата изградба завршила во 1955 година. Тој се наоѓа на планината Бабуна, на височина од која има извонреден поглед кон Прилеп и неговата околина, кон планините Мукос и Селечка. Домот се наоѓа над стариот пат Велес – Прилеп, преку планината Бабуна. Оддалечен е од Прилеп околу 20 км. Но, за жал домот го нема поранешниот сјај.

Пламен кој му го згасна сјајот на домот „Дервен“

На 01 март 1997 се случил пожар кој за малку ќе го избришел домот „Дервен“ од мапата. По пожарот останале само руини кои денес сведочат за оваа уникатна градба. Тој претставува еден од малкуте планинарски домови на Балканот кои имаат оригинална, исклучително цврста кружна градба од камен и бетон која и покрај претрпениот пожар опстојува како туристичка атракција.

Како некогаш изгледаше овој планинарски дом

Во двете големи простории на „Дервен“ имало дури 50 кревети, а во трпезаријата и домот по потреба можело да се сместат 72 планинари. Домар и домаќинка се грижеле за редот во домот кој бил постијано отворен за посетители. Имало електрично осветлување, водоводна инсталација, умивалници и бања. Освен што луѓето можеле да си ја готват својата храна таму имало можност и во домот да се купи храна и пијалоци. Околу домот имало прекрасна ливада и бавча одгледувана од домарите.

Најатрактивни дестинации од домот се: највисокиот врв на планината Бабуба – Козјак (1747 m) кој е оддалечен околу 5 часа пешачење, врвот Мал Мукос, кој е оддалечен околу 2-3 часа, Голем Мукос, Студеница, Кадиница и манастирот Степаница (2-3 часа пешачење), Mанастирот “Св. Богородица – Трескавец”, “Златоврв” (1422 m) и други.

Денес овој дом е само туристичка атракција иако постојат напори од планинарските друштва и младите луѓе тој да биде обновен и повторно да почне да функционира.

 

Фото извор: Old Prilep