Приказната за психијатарот кој ги заразуваше луѓето со маларија и доби Нобелова награда

Во 1927 година, Нобеловата награда за физиологија или медицина му беше доделена на проф. Јулиус Вагнер-Јаурег, австриски психијатар и директор на Невропсихијатриската клиника при Универзитетот во Грац.
Причината и денес звучи вознемирувачки: тој намерно ги заразуваше своите пациенти со маларија. Но, зад оваа постапка стоеше очајничка медицинска логика од време кога сифилисот во последната фаза речиси секогаш значеше сигурна смрт.

 

Во 1917 година забележал дека тифусот, еризипелот и туберкулозата понекогаш носеле подобрување

Уште во 1917 година, Вагнер-Јаурег забележал необична појава: некои од неговите пациенти кои страдале од тешка парализа и биле сметани за неизлечиво луди, покажувале драматично подобрување откако ќе прележале тифус, црвен ветар (еризипел) или туберкулозна инфекција.
Тој претпоставил дека токму високата телесна температура и треската што ги придружуваат овие болести имаат благотворно и лековито влијание врз менталната состојба на луѓето.
Идејата дека високата температура може да ги ублажи или дури и да ги излечи психичките нарушувања постоела со векови. Но Вагнер-Јаурег осмислил сигурен и контролиран метод со кој кај своите пациенти предизвикувал вештачка треска, за на научно издржан начин да докаже дека тоа навистина функционира. Откако испробал неколку различни методи, на крајот се одлучил за маларијата.

Во 1917 година забележал дека тифусот, еризипелот и туберкулозата понекогаш носеле подобрување

Plasmodium vivax создавал треска што буквално ја „варела“ бактеријата на сифилисот

Со маларијата нема шега: меѓу 3 и 20 отсто од заболените умираат како последица на силната треска што ја предизвикува овој паразит. Сепак, пациентите кај кои психијатарот забележал подобрување се наоѓале во последната фаза од сифилис, позната како општа прогресивна парализа.
Во оваа фаза, сексуално преносливата бактерија директно го напаѓа мозокот, ги прави луѓето летаргични, предизвикува тешки психози и постепено ги парализира, што неизбежно водело кон смрт.
За ваквите пациенти, ризикот од контролирана маларија, третирана со хинин во болнички услови и под постојан лекарски надзор, бил далеку помал од трагедијата што ги очекувала. Вагнер-Јаурег ги забележал првите извонредни резултати уште во текот на првата година од експериментите, по што лекарите ширум светот почнале масовно да ја применуваат оваа метода.
Сојот што го користел, Plasmodium vivax, предизвикувал долги и силни бранови на треска кои буквално ја „вареле“ и ја убивале бактеријата на сифилисот во телото, чувствителна на топлина. Методата, позната како пиротерапија или маларијатерапија, спасила илјадници животи и се користела сè до педесеттите години на минатиот век, кога конечно била заменета со откривањето и масовната примена на пеницилинот.

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *