Прилепчанецот Менде е овчар во Европа и се гордее со својата професија

Ретко кој од младите денес, па и постарите сака да биде овчар. Оваа професија најчесто се смета за деградирачка, иако во суштина и за неа е потребен труд, време и знаење.

Прилепчанецот Методија Здравески со гордост кажува дека работи како овчар и како вреден човек, кој цел живот работи напорно со задоволство ја сподели својата приказна со прилепскиот весник „Зенит“. Она што е интересно е дека Методија, со прекарот Менде, не работи како овчар во Македонија, туку во странство.

Фото: Зенит

Менде се испробал во повеќе професии во животот. Роден во Мраморани, завршил Дрво училиште, но никогаш не работел во струка, а кога завршил и Угостителско одреден период бил келнер. Тој се занимавал и со тутун, градежништво, обезбедување, но не се откажал од овците во родното место, сѐ додека не добил понуда за работа во странство.

„Од дете сум со добитокот, со овците, бидејќи сум роден во Мраморани. Завршив Дрвно училиште, а не работев на струката. Потоа завршив и Угостителско. Кусо време бев келнер. Се занимавав со тутун, градежништво во Црна Гора и Хрватска, бев обезбедување во Пролетер. Отсекаде заминав, а никогаш не се одделив од овците во родното место. Конечно, околу 2008-9 година од странство добив понуда да чувам овци, а што нема шанса да одбијам. Тоа беше во Грција, близу до границата. Ме плаќаа 400 евра месечно. Овците, околу 250, ги носев кај Кајмакчалан, каде има езеро, Одработив прво 5 месеци.“, раскажува Менде за весникот „Зенит“.

Фото: Зенит

Тој раскажува како во семејството на Грците бил примен како нивен член: „Бев сместен кај семејството, како нивни член. Убаво беше и никаква тешкотија не видов. Научен сум,. За мене е лесно. Секој ден со овците и кучињата. Грциве немаа дресирани кучиња. Шарпланинци се, но не се командуваа, ни да ги повикаш по име, Гаро, Шаро… Еден легнал на една, друг на друга, трет на трета страна. Нема разбирање.“, ги раскажува тој своите „маки“ за „Зенит“.

Но, ова не е крај за неговата овчарска кариера. Откако одредено време работел како градежен работник во Хрватска, запознал жена која му се пожалила дека нека кој да ѝ помага со овците. Вредниот Менде се понудил и во исто време работел на две работни места.

Менде по 3 години решил да се врати во Макеоднија и самиот да одгледува овци, но економијата не му дозволила, па се откажа од таа намера и сега повторно е во Хрватска, каде што се грижи заедно со колега, Србин, за 2.500 овци.

Фото: Зенит

Овчарската работа сепак не е секогаш толку безбедна, Менде за „Зенит“ раскажува за своите средби со змии и волци и најстрашното, дивата свиња: „Имам отепано над 20 оти ги касаат овците. Кога се испружени, овците минуваат крај нив и ги нагазуваат. Така змијата помислува дека е нападната и ја каса овцата в гуша. Ако навреме ги видам, со инекции ги спасувам. Десетина имам спасено, но исто толку изгинаа. Не се плашам од змии, ниту од волци. Волците се ретки. Само еден изел три јагниња. Не го видовме. Кога си идевме, јагнињата не сакаа со нас и ги проколнав да ги изеде волкот. Од четири, само едно се врати сабајлето. Останатите ги најдовме изедени. Оттогаш не видовме волк. Неколку петарди пукнаме и бегаа, се плашат. Пострашна од волкот е дивата свиња. Голема, над 200 кила. Од кучиња не бега. И за неа лек е петардата. Кога ја пукнавме, летна да бега.“

Фото: Зенит

„Стадото е големо од Реклами до Општината стара. Сето овци. Работата со овци не е тешка. Потежок ми е ранецот со храна. Затоа во јануари-февруари пак заминувам во Хрватска. Кога ќе соберам стаж за пензија од Хрватска, ќе се вратам назад и ќе продолжам тука. Не откажувам дури ме држат нозете. Дури здравјето ме крепи нема да престанам со оваа работа. Не можам да се разделам од овците. Премногу ги сакам. И на старост ќе чувам барем неколку, што се вели ‘за украс’ колку да ги гледам до мене.“, завршува Менде, за „Зенит“.

Извор