Прима само 20 гости: Хотел на толку изолирано место што има своја писта
Хотелот Sonop се наоѓа на толку изолирана локација во африканската пустина Намибија што доаѓа со приватна писта. За најбрзо и најлесно да стигнете до него, прво мора да слетате во главниот град Виндхук, а оттаму да го „фатите“ летот до хотелот, кој трае околу 80 минути.
Доколку не ви се брза, можете да стигнете до Соноп на истоимената фарма во регионот Карас со џип со погон 4х4. Оваа авантура ве води низ пустината Намиб и трае околу пет часа.
Сместен на 5.600 хектари приватен простор од магична африканска природа, хотелот Соноп располага со 10 луксузни шатори поставени меѓу карпите и украсени во автентичен британски колонијален стил од 1920-тите.
На располагање ви се шаторите со една спална и две спални соби кои вклучуваат старомодна бања за нозе, но и тераса со поглед на спектакуларната околина. Можете да уживате и во раскошните гастрономски задоволства во ресторанот на хотелот, кој може да опслужува околу 20 гости истовремено.
Од високите температури можете да се разладите во отворен базен или да гледате филм во интересно кино на отворено.
Хотелот ќе ви изнајми коњи или електрични велосипеди за да ја истражите околината, а доколку сакате да ја видите целата област од птичја перспектива, можете да го направите тоа во балон со топол воздух.
За сместување во луксузните шатори на хотелот Соноп треба да се издвојат околу 37.000 денари по лице за една ноќ. Дефинитивно се смета за луксуз кој не секој може да си го дозволи.