Против натпревар за убавина е поднесена тужба затоа што, замислете, ги одбирале учесничките според изгледот

Францускиот избор за Мис е тужен за дискриминација бидејќи избирал натпреварувачи врз основа на нивниот физички изглед.

Три поранешни натпреварувачки ги здружија силите со феминистичката група Osez le feminisme (Осмели се да бидеш феминист) во обид да го тужат изборот за Мис Франција, како и компанијата „Ендемол продукција“, која го прикажува натпреварот на каналот ТФ1.

Изборот за Мис е подложен на редовни критики низ годините бидејќи учесничките мора да бидат немажени, повисоки од 1,70 метри и да се сметаат за „претставнчки на убавината“.

Натпреварувачите се должни да не се здебелат за време на натпреварот и не смеат да ја менуваат фризурата. Тие, исто така, не можат да имаат тетоважи или какви било пирсови освен дупчиња на ушите.

Тужителите тврдат дека Мис Франција и Ендемол продукција, всушност, го прекршиле францускиот закон за работна сила преку спроведување на овие наводно дискриминаторски критериуми за селекција.

Адвокатот на Osez le feminisme, Виолен Де Филипис-Абате, изјави дека, во согласност со францускиот трудов закон, на компаниите им е забрането да дискриминираат луѓе врз основа на „моралот, возраста, семејниот статус или физичкиот изглед“.

Меѓутоа, победничката на Мис Франција од 2002 година, Силви Телиер, која сега го води натпреварот, тврди дека натпреварот всушност ги промовира женските права.

Таа изјави:

„Може да парадирате во костим за капење и да бидете феминистка. Ние веќе не сме во деновите на „изгледај убаво и молчи“.“