Русија и Кина ги здружуваат силите против НАСА и заедно ќе градат база на Месечината 

Русија и Кина ги здружуваат силите за да воспостават база за истражување на Месечината, која ќе биде ривал на „Месечевиот портал“, на НАСА, објави руската вселенска агенција Роскосмос.

Властите од Москва и Пекинг денес потпишаа меморандум за  започнување на проектот, на кој ќе можат да се приклучат и другите земји.

Во меѓувреме, Русија и Кина ќе подготват временска рамка за проектот пред да започнат со дизајнирање и на крај реализација на станицата.

„Меѓународна лунарна научна станица е комплекс на експериментални и истражувачки објекти создадени на површината и / или во орбитата на Месечината“, се вели во меморандумот.

Базата, продолжува, е „дизајнирана да спроведува мултидисциплинарна и повеќенаменска истражувачка работа“.

Меморандумот беше потпишан за време на состанокот одржан преку видео конференција од шефот на Роскосмос, Дмитриј Рогозин и Жанг Кеџијан, шеф на Кинеската национална вселенска управа.


Русија и Кина ја објавија својата намера за унапредување на меѓународната соработка за овој проект и нудат еднаков пристап до која било друга земја што сака да учествува.

Двете нации се обидоа да ги продлабочат своите односи во последниве години, особено по анексијата на Крим од Москва од Украина во 2014 година, што ги затегна дипломатските врски на Руската Федерација со Западот.

Веста за планот за истражувачката станица за Месечината доаѓа истиот ден кога Кина ја потврди својата заедничка посветеност да работи со Франција во областа на истражување на вселената.

Русија претходно изрази интерес за соработка на програмата Лунар портал на НАСА за изградба на вселенска станица во орбитата на Месечината како центар за комуникации, лабораторија и скалила до површината на Месечината.

За таа цел, неформална заедничка изјава беше потпишана од Роскосмос и НАСА на 27 Септември 2017 година. Сепак, Роскосмос официјално објави овој Јануари дека на крајот нема да учествува во програмата.

Кон крајот на минатата година, г-дин Рогозин го прокоментира овој исход, нарекувајќи ја програмата премногу „американско-центрична“ за да може да учествува Роскосмос.

НАСА работи на проект за изградба на првата Месечинска вселенска станица, по име Лунарниот портал, како дел од долгорочниот проект за испраќање луѓе на Марс.

Првите модули на станицата може да бидат завршени во 2024 година.