Руска компанија продава PlayStation 5 кој чини скоро 1 милион долари, а еве и зошто

Изгледа секој во светот сака да поседува PlayStation 5. Конзолата конечно беше лансирана низ целиот свет на 19 ноември, откако првпат излезе на пазарот во САД и некои други пазари на 12 ноември. Поради пандемијата, продажбата беше ограничена само на Интернет, но многу обожаватели останаа разочарани бидејќи брзо се распродаде низ разни продажни места. Но, ако мислевте дека овој PlayStation 5 е недостижен, треба да ја погледнете руската верзија.

Руска компанија продава PlayStation 5 обложен во 20 килограми злато од 18 карати. Компанијата што стои зад екстравагантната конзола е Кавијар, руска марка која исто така произведува позлатени iPhone телефони. Кавијар рече дека го создале својот „Златен камен“ PlayStation 5, кој има нерамна, карпеста текстура, за да го имитира чувството на златна руда.

Ексклузивната конзола е составена од осум лимови цврсто злато, според нивната веб-страница. „Школката на овој ексклузивен гаџет е изработена во оригиналната техника за накит, која додава волумен и текстура на моделот. Инспирација за дизајнерите беше единствената геометрија на златната руда и грациозните, убави контури на карпата. Затоа конзолата го доби името Златен камен.“, стои на веб-страната.

Оние кои сакаат да ја дознаат точната цена треба да контактираат директно со компанијата. Сепак се претпоставува дека оваа конзола чини скоро 1 милион долари.