Руско богатство: Џиновска дупка над која хеликоптери не се осмелуваат да летаат

Огромна дупка која личи на сцена од научно-фантастични филмови се наоѓа во најненаселената област во Русија, 8050 километри источно од Москва. Мир или Мирни е светското чудо на човечките раце и очигледен доказ до каде може да оди љубовта кон дијамантите. За многумина, тоа претставува една од работите што не сте ги знаеле за најголемата земја во светот.

Џиновската дупка е широка повеќе од еден километар (1200 метри) и длабока 525 метри. Да не беше рудникот, немаше да има град на кој му го должи името – Мирни. Потекнува во 1950-тите, откако беше откриено дека Јакутија е ветената земја на дијамантите.

Експедицијата во источен Сибир, предводена од Јуриј Хабардин, се покажа како една од најисплатливите во историјата, со откривањето на траги од кимберлит кои укажуваат на почва богата со дијаманти, што го прави Советскиот Сојуз дом на највредната дупка на светот.

Мирни набрзо привлече население доведено на сибирскиот студ поради желбата за богатство, а до 1960-тите рудникот стана најголемиот во СССР.

Секоја година од Мирни се вадеа два тона дијаманти, без разлика на температурите кои паднаа 40 степени под нулата и земјата, која во поголемиот дел од годината е замрзната, а во лето се претвора во мочуриште. За време на ископот машините пукаа немилосрдно.

Се проценува дека се ископани дијаманти во вредност од околу 900 милијарди денари. Најголемиот пронајден дијамант е со големина на топче за голф и вреди околу 16 милиони денари. По Втората светска војна, заработката од дијаманти на Русија и помогна да застане на нозе.

Хеликоптери не се осмелуваат да ја прелетаат дупката поради температурни разлики и предупредувања дека може да бидат вшмукани, но такви случаи се уште не се пријавени. Поради необичните звуци кои доаѓаат од длабочините на рудникот, се појавуваат бројни теории за што се работи, а многумина веруваат дека дупката е своевидна врска со темното подземје.

Сопственик на Мир е руската компанија Алроса, која произведува околу четвртина од светските дијаманти. По затворањето поради поплави, рудникот сè уште е делумно функционален, иако не како во славните денови. Дијамантите се ископуваат во мрежа од подземни тунели.