Само 16 голтки од овој познат пијалок дневно, можат да ви помогнат да спречите деменција
Научниците открија уште една придобивка од утринската шолја кафе – покрај енергетскиот поттик, таа може да помогне жените да стареат поздраво. Ново истражување, спроведено на Харвардскиот универзитет, открива дека жените кои пијат најмалку една шолја кофеинско кафе наутро имаат помал ризик од хронични болести, когнитивно опаѓање поврзано со деменција и физички ограничувања.
Истражувањето, водено од д-р Сара Махдави, опфати податоци од над 47.000 жени, следени од 1984 година, при што на секои четири години се собирале информации за нивната исхрана, начин на живот и здравствена состојба. „Здраво стареење“ беше дефинирано како живот над 70 години без хронични болести како рак или дијабетес, со зачувана подвижност, ментално здравје и когнитивна функција.
Колку кафе на ден е здраво?
Резултатите покажале дека со секоја дополнителна шолја кафе – до околу две и пол дневно – шансите за здраво стареење се зголемувале за 5%. Дури и 80 мг кофеин повеќе дневно, што е приближно една мала шолја кафе, биле поврзани со 1% зголемена веројатност за исполнување на сите критериуми за здраво стареење.
Интересно е што чајот и безкофеинското кафе не покажале слични резултати. Од друга страна, секојдневното консумирање газирани пијалаци било поврзано со 19% помала веројатност за здраво стареење.
Само околу 8% од испитаничките ги исполниле сите критериуми за здраво стареење до 2016 година. Во нивната средна возраст (45–60 години), тие внесувале околу 315 мг кофеин дневно – еквивалент на три шолји кафе, при што кафето било главниот извор на кофеин.
Кафето има долгорочен позитивен ефект врз здравјето
Претходни студии го поврзуваат кафето со намален ризик од висок крвен притисок, срцеви болести, аритмии, Алцхајмерова болест и дијабетес. Ова ново истражување, прво од ваков вид, покажува дека умерената консумација на кафе може да има долгорочен позитивен ефект врз различни аспекти на стареењето, особено кога е комбинирана со здрава исхрана, физичка активност и избегнување на пушење.
Коментирај анонимно