Само за сиромашни богаташи: Овие патики чинат цели 80.000 денари, дали би сакале да си ги купите?

Познатиот бренд Balenciaga крена прашина со кампања за нова колекција на патики со едноставно име: Paris Sneaker. Имено, на интернет се појавија фотографии од целосно уништени патики кои личат на култниот бренд Converse.

Додека сите се запрашаа што се крие зад оваа необична кампања и зошто некој би купил целосно уништени патики вредни повеќе од 80.000 денари, пораката на овој бренд е нешто поинаква.

Фотографиите од искинати, валкани патики полни со дупки всушност служеа само за привлекување на вниманието, а патиките што може да се купат во реалноста сепак изгледаат малку попристојно. Новата колекција на шпанскиот бренд, со седиште во Париз, овојпат претставува опуштени streetstyle обувки кои може да се носат цел живот.

Со овој нов моден подвиг и вештиот објектив на Леополд Душемин, Баленсијага сакаше да каже дека нивната мода е составен дел од секојдневието и дека нивниот стил се прилагодува на секој период од животот, од младоста до позрелата возраст.

Поради оваа причина, им беше важно да нагласат дека обувките им траат цел живот, дури и кога се искинати. Акцентот беше дека обувките не треба веднаш да се фрлаат туку треба да се носат додека целосно не се уништат.

Кампањата сепак наиде на жестока осуда на самиот бренд, а корисниците на социјалните мрежи предизвикаа дебата за тоа зошто некој би платил толку многу пари за обувки кои изгледаат стари и истрошени како за нови.