Се сеќавате ли на Аферата ТАТ? Зошто пред 13 години 13.000 Македонци не ја добија правдата?
Постојат некои моменти од историјата на државата кои би сакале да ги избришеме, но за жал тие стојат како потсетник за тоа кои ни биле грешките. Постојано слушаме за нови афери и измами, но пред 13 години се случи најголемата пирамидална финансиска измама во историјата на Македонија.
Дури 13.000 граѓани беа оштетени во измамата во износ над 60 милиони евра. Но, кои беа виновниците? Една личност само заврши во затвор и тоа „цели“ 3,5 години.
Директорката и сопственичка на штедилницата ТАТ Соња Николовска беше единствената уапсена и осудена на 3,5 години казна затвор и тоа на денешен ден, 1 јуни 2008 година. Но, колку ова е доволна казна беше проценето за не толку долго време. За да биде ситуацијата уште „потрагикомична“ пред неколку години таа повторно заврши во затвор затоа што овој пат измамила битолчани за околу 600.000 евра, од кои еден од нив и нејзин братучед.
Се смета дека над 100 самоубиства на поранешни штедачи на ТАТ се директна последица на аферата, а покрај тоа и наталитетот во Битола во годините по ТАТ опаднал. Граѓаните ја загубиле довербата во банкарскиот систем и ги повлекле своите заштеди од банките, што ја нарушило стабилноста на банкарскиот систем на Македонија, и ја зголемило цената на кредитите на подолг рок.
Претседателот на Републиката Киро Глигоров во 1996 година ѝ доделил на Николовска признание за најдобра жена-стопанственик во Македонија. „Најдобрата“ веќе наредната година била разоткриена. Аферата избила на 7 март 1997 година, кога најпрво инспектори од Народната банка, а потоа и од Министерството за внатрешни работи, упаднале во седиштето на штедилницата и ги проверувале документите.
Обесштетувањето на штедачите не одело според планот. Првиот обид бил во 1998, откако се донел закон за обесштетување на штедачите на ТАТ, но по неколку рати престанал да се спроведува поради немање средства. Во 2002 година бил понуден модел на обесштетување преку издавање на обврзници за основните влогови (без каматите) кои можат да се употребат за купување на акции од државни компании, плаќања кон државата, но и слободно да се тргуваат на берзата. Ова функционирало, но едвај половина од штедачите биле обесштетени.
Во 2008 имало околу 6000 обесштетени штедачи, а во 2009, 12 години по аферата, за ТАТ сѐ уште се воделе над 500 судски постапки околу стечајниот имот. Во 2014 година беше објавен и документарец за аферата ТАТ кој привлече големо внимание.
Заклучокот од скандалот со ТАТ е дека сѐ уште не се најдоа виновниците кои ги ограбија парите на штедачите, а не се дозна ни кој е министерот во тренерки, кој што наводно бил виден како излегува ноќта пред да избие аферата, од штедилницата со црни вреќи.