Селанка или „татина ќерка“? Што знаеме за Хариет Квимби, првата жена која на денешен ден го прелета Ла Манш

Хариет Квимби (11 мај 1875 година – 1 јули 1912 година) беше многу нешта за време на нејзиниот краток век: успешен новинар, фотограф и пионерка авијатичарка. Всушност, таа првата Американка што стана лиценциран пилот, првата жена што го прелета Ла Манш, а според некои е и највлијателниот пилот од нејзиното време. На 16 април 1912 година таа влезе во историјата откако го прелета Ла Манш, но многу работи остануваат мистерија за оваа голема авантуристка.

Експерт во маркетинг и самопромоција, Хариет тврдеше дека имала богати родители кои и го дале најдоброто образование во Америка. Сепак, некои веруваат дека поверојатно е дека таа била ќерка на земјоделец од средниот запад.

Семејството на Хариет се преселило од Мичиген во Калифорнија кога таа била млада тинејџерка. Таа тогаш сфатила дека тука жените и не ги следат толку традиционалните норми. Тоа ја разбудило жедта на Хариет за авантура, што на крајот ѝ помогнала на надарената писателка да ја добие својата прва работа како новинарка во „Francisco Dramatic Review“ каде што прилично се прославила.

Во 1902 година, барајќи повеќе патувања, повеќе авантури и повеќе предизвици, Хариет се преселила во Њујорк и започнала да работи за Leslie’s Illustrated Weekly како патописец. Во тоа време, Хариет развила фасцинација за автомобилите и љубов кон брзината и слободата што ја претставувале. Во 1906 година таа возела и спортски автомобил.

Откако во 1910 година посетила саем за авијатичари сфатила дека сака да лета и го убедила нејзиниот уредник на Leslie’s Illustrated Weekly да ѝ плати часови за летање. На 1 август 1911 година, на 36 години, Хариет стана првата Американка која заработи пилотска дозвола.

На 16 април 1912 година (еден ден откако потона Титаник), Хариет стана првата жена што го прелета Ла Манш.

Иако летот беше огромен успех и остана запишан во историските книги Хариет не ја добила пофалбата што ја очекувала. Њујорк Тајмс дури објавиле: „Восхитувањето не е во ред. Само пред неколку месеци овој ист лет беше едно од најсмелите и на сите начини извонредни дела што ги постигна човекот. Оттогаш преминот го повторуваа мажите, а сега за нив ова е слаба возбуда или воопшто ја нема. Летот сега е малку повеќе од доказ за обична професионална компетентност. Се разбира, тоа сè уште докажува способност и капацитет, но не докажува еднаквост.“

На 1 јули 1912 година, три месеци по нејзиниот историски лет, Хариет отишла на авијацискиот состанок Харвард-Бостон, каде била главна атракција. Следејќи цел ден активности и покажување, таа и организаторот на настанот, Вилијам Вилард, тргнале да го тестираат курсот за следниот ден.

На враќање дошло до технички проблем со авионот и Хариет и Вилијам биле исфрлени од авионот, по што и двајцата починале на лице место. Нејзината смрт е мистериозна како и нејзините почетоци.