Село Умоја: Африканско засолниште кое се бори против насилството и нехуманите ритуали

Во северна Кенија, се наоѓа навидум обичната провинција Самбуру, позната по своето посебно село Умоја. Кога ќе погледнете малку подобро, ќе видите дека таму живеат само жени, а на мажите им е строго забранет влез.

Таму нема да ја почувствувате моќта на женската енергија, туку горчливиот вкус на страшните судбини што ги снашле овие храбри жени. И тогаш ќе сфатите колку сила, храброст и емпатија биле потребни за да се излезе од најдлабоките животни бездни, во корист на другите жени.

Борба на жените против силување, насилство и генитално осакатување

Жителите на селото Умоја не мразат мажи, но таму во мир се обидуваат да ги пребродат сите трагични моменти кои ги доживеале во животот, а ги имало многу. Околу 50 од нив таму одгледуваат 200 деца и ги учат на важноста на толеранцијата, разбирањето, добрината и понизноста.

Во патријархалното африканско општество силувањето (групно и семејно), насилството, договорените и детските бракови, осакатувањето на гениталиите и многу други ужаси со кои секојдневно се соочуваат жителите на таквите заедници сè уште се нормализирани.

Ако мислевте дека не може да биде полошо од ова, сте се излажале. Жените кои доживуваат вакви ужаси, никој не ги гледа како жртви, туку ги турка на маргините на општеството. Нивното семејство ги смета за „валкани“ и „недостојни“, а многу од нив умираат во агонија од силување и генитално осакатување.

За да стави крај на оваа нехумана практика во провинцијата Сембуру, Ребека Лолсоли во 1990 година ја основа Умоја, рај за жртвите на силување, насилство, традиционално генитално осакатување и други ужаси на африканското општество. Засолништето е посебно наменето за оние жени кои се отфрлени од семејството затоа што некој ги „извалкал“ и ги оневозможил да ја служат својата „цел“.

„Кога му кажав на мојот сопруг дека сум силувана од група мажи, тој ме претепа со стап и ме избрка од дома.“

Ребека дошла на идеја додека лежела во болница откако била претепана од група мажи. Ја тепале за да ѝ одржат лекција дека никогаш повеќе не треба јавно да зборува за правата на жените. Од основањето на селото Умоја, постојано добива закани од мажи кои не се согласуваат со либералната ориентација на селото кое се наоѓа во традиционалната провинција Сембуру. Во организирањето на засолништето, на Ребека ѝ помогнале 15 жени кои биле силувани од британски војници.

Една од нив е Џејн, која вели дека првпат била силувана од тројца мажи додека ги чувала козите на нејзиниот сопруг и носела огревно дрво.

„Се чувствував засрамена и не можев да разговарам со други луѓе за тоа. Ми направија страшни работи, незамисливо страшни. На крајот, и реков на мајката на на мојот сопруг дека сум болна затоа што не знам како да ги објаснам моите повреди и депресија. Таа ми даде традиционална медицина која не помогна. На крајот, решив да му кажам на мојот сопруг што ми се случи. Ме претепа со стап и ме избрка од дома. Така дојдов во Умоја“, вели Џејн.

Една од првите жителки е Мамуси, која татко ѝ ја заменил за крава на 11-годишна возраст. Денеска секое утро се буди со насмевка на лицето додека е опкружена со пријатели кои ја поддржуваат. Таа е среќна затоа што може сама да заработи. Тоа било, до основањето на Умоја, само луд сон.

Умоја е опкружена со ограда од трње. Козите и кокошките слободно шетаат низ селото, а жените изработуваат накит на душеци од бамбус што им ги продаваат на туристите. Тоа е еден од главните приходи, со скромни билети кои им се наплаќаат на посетителите.

Африканска школа за човекови права

Живеат во колиби направени од кравји измет, бамбус и гранчиња и секој гостин го поздравуваат со насмевка и песна. Секоја жена што сака може да дојде таму. Умоја е посебна по тоа што не е само прибежиште, каде што жените се кријат и тагуваат.

Умоја е активна заедница која гласно зборува за правата на жените. Тие ја сметаат за Африканска школа за женски права. Жените кои ќе дојдат во Умоја ќе добијат психофизичка помош, но автоматски ќе станат амбасадори за човекови права. Ќе научат како да воспитуваат деца, како да тргуваат и како да го надминат стравот од насилство што им е речиси вроден.