Силата била поважна од мозокот: По ударот на астероид кој ги истребил диносаурусите цицачите еволуирале на необичен начин

По смртоносниот удар на астероид пред 66 милиони години, кој ги осудил диносаурусите на истребување, се чини дека силата била поважна од мозокот на цицачите кои успеале да ја преживеат катаклизмата и да заземат нов променет свет.

Научниците во четвртокот рекоа дека анализата на фосилите на палеоценските цицачи кои опфаќаат 10 милиони години откако астероид збришал три четвртини од видовите на Земјата, покажал дека иако нивните тела станале многу поголеми, големината на нивниот мозок во однос на телесната тежина била всушност намалена.

Наодите се спротивни на идејата дека интелигенцијата била таа што ги принудила цицачите, малите играчи во споредба со диносауруси, да станат новите владетели на планетата по масовното исчезнување на видовите на крајот од Креда.

„Процесот на развој на малиот мозок кај цицачите по истребувањето е многу побавен отколку што мислевме.“, вели Орнела Бертранд, палеонтолог за цицачи од Универзитетот во Единбург и главен автор на студија објавена во списанието Science.

КТ скенирањето ја откри вистинската слика

Научниците користеа КТ скенови за скенирање на фосили на 28 палеоценски цицачи и 96 од следната еоценска епоха, која се протега наназад од пред 56-34 милиони години.

Тие ја процениле големината на мозокот и развојот на специфични церебрални компоненти. Растот на мозокот, откриле тие, започнал за време на еоценот, заедно со промената на важноста на различните функции.

„Спротивно на нашите очекувања, цицачите кои го преживеаја астероидот и ги надживеаја диносаурусите беа прилично глупави. Тие не беа ни блиску до менталните способности на денешните цицачи – а остроумната интелигенција дојде само многу милиони години подоцна.“, рече Стеле Брусат, палеонтолог од Универзитетот во Единбург и коавтор на студијата.

Цицачите почнале да развиваат поголемо тело речиси веднаш по масовното истребување кое ги елиминирало диносаурусите. За време на палеоценот, некои станале големи како мечки. Кога диносаурусите кои не летале изумреле, цицачите имале невидена можност и тие почнале да доминираат во еколошките ниши кои останале празни, станувајќи се поголеми.

Чувството за мирис како клуч

Научниците откриле дека сетилото за мирис, мерено преку развојот на миризливите лобуси на мозокот, било од клучно значење за палеоценските цицачи бидејќи тие преземале нови улоги во екосистемите.

За време на еоценот, други способности како што се поголема интеграција на видот, слухот, меморијата и моторната контрола – поврзани со развојот на неокортексот – станале сè поважни за опстанок.

Најголемиот мозок во животинското царство денес

Цицачите сега можат да се пофалат со најголем мозок во животинското царство во однос на големината на телото.

„Нивниот еоценски раст на мозокот се случил бидејќи конкуренцијата за ресурси се интензивирала и сложеното однесување станало витално за опстанокот на видовите.“, вели Бертранд.

Некои архаични палеоценски лози исчезнале, заменети со цицачи послични на оние што живеат денес.

Со исчезнувањето на диносаурусите предатори и тревопасни животни, цицачите почнале да ги исполнуваат овие улоги во палеоценот, времето на еволутивните експерименти.

Арктокион, со големина на пантер, еден од проучуваните цицачи, имал големи заби и јадел месо, а можеби и растенија. Тревопасот Ектоконус со големина на лама, исто така проучуван, бил со силна градба со силни екстремитети и стопала.

Студијата се фокусираше на плацентарните цицачи, убедливо најчестите цицачи. Фосилите откриени во последниве години во Ново Мексико, Колорадо и Франција дадоа увид во палеоценските цицачи.

„Во рок од 100.000 години од изумирањето, богатството на видовите се зголеми, а цицачите брзо станаа морфолошки разновидни.“, рече Бертранд.

Некои палеоценски видови биле генерално големи и сосема различни од денешните групи, додека други живееле на дрвја и можеби биле можни предци на приматите – група која ги вклучувала луѓето многу подоцна. Во палеоценот, цицачите еволуирале непречено, додаде таа на крајот.