Син по 30 години направил фотографии од истите места како и неговиот татко, за да ги потсети Литванците зошто се слободни

1991-2021 година. Двајца фотографи на околу триесет години. 30-годишен интервал. Две притискања на копчето за фотографирање. Две сосема различни фотографии. Професија / слобода. Аналогно / дигитално. Татко / Син. Литванија беше првата советска република која прогласи независност во 1990 година.

Во јануари 1991 година, Москва во Вилњус испрати специјални единици на КГБ. При упадот во телевизиската зграда во литванскиот главен град загинаа 14 луѓе. Но, обидот за враќање на Литванија во советското царство не успеа. Владимирас Азановас работел како фоторепортер и тој во 1991 година направил фотографии од Вилњус. 30 години подоцна неговиот син Јуријус Азановас, исто така во јануари одлучил да ги направи фотографиите од истите локации, за да покаже дека луѓето се избориле за својата слобода и независност.