Скопје ја добива новата најмодерна детска градинка во населба Волково

Станува збор за модерна градба која се разликува од традиционалниот социјалистички стил на градење на детски градинки на кој бевме сведоци досега. Оваа нова градинка којашто се гради во населба Волково, што спаѓа во општина Ѓорче Петров, ќе биде најмодерна во државата, а можеби и во регионот.

Градинката е изградена во кружна форма во современ архитектонски стил. Составена е од централен кружен атриум (внатрешен двор) со комплетна енергетска ефикасност и со инфраструктура што е прилагодена за деца со попреченост и физички инвалидитети.

Во населба Волково за прв пат се гради детска градинка која ќе може да згрижи 175 дечиња. Овој проект е финансиран од Министерството за труд и социјална политика со грант од 73.800.000 денари и кофинансирање од општина Ѓорче Петров во висина од 7.000.000 денари.

Градинката треба да почне со работа до крајот на годината, а во неа ќе работат најмалку 50 негувателки, воспитувачки и технички персонал.