Скопје, Куманово, Битола, Охрид и Прилеп: Што кажал за овие градови познатиот патописец Евлија Челебија, роден на денешен ден

Евлија Челебија е добро позната историска личност на Балканот. За оние кои не знаат тој бил славен отомански патописец кој патувал низ териториите на Отоманското Царство и околните земји и тоа цели четириесет години. Тој е роден на 25 февруари 1611 година како Мехмед Зили, а ние од овој период немаме многу детални описи за животот во Македонија низ градовите. Но, благодарение на Челебија денес имаме увид за тоа како живееле луѓето во далечното минато. Евлија починал во Каиро на 71-годишна возраст.

Од неговото дело за Македонија е интересен седмиот том, во кој се дава опис на градовите Скопје и околината, Куманово, Крива Паланка, Велес, Прилеп, Битола, најопширен простор во овој том е посветен за Охридскиот санџак и опис на конаците од Охрид до Струмица. Во негова чест ќе опфатиме неколку описи за градовите кои Евлија Челебија ги поминал во својот животен век.

Скопје

„Таа [чаршијата] брои 2.150 дуќани. Тука има плоштади и пазари, со сводови и куполи. Од сите најубави се: чаршијата на безазите (памучни ткаенини), чадорџиите, папуџиите, бојаџиите и ткајаџиите (капи). Тоа се големи чаршии изработени по план. Сокаците им се чисти и калдрмисани.

Секој дуќан го красат зумбули, темјанушки, рози, босилек, јоргован и крин во вазни и саксии. Тие со својата миризба просто го опиваат мозокот на посетителите и трговците. Тука има образовани и многу чесни луѓе. За време на летните жеги сиот скопски пазар личи на багдадските сенки, зашто сите негови чаршии се со наткривени капаци и сводови како во Сараево и Халеп.“

Куманово

„Населената област Куманово се наоѓа натериторијата на санџакот Скопје. Градот има многу реки и околу 600 куќи покриени сопокривни плочки. Џамијата, која се наоѓа во трговската област, е прекрасна и има училште (медреса), амам, трговски центар, додека климата во градот е блага. Постојат многу лозови полиња и земјиште каде се насадени различни видови овошја.“

Битола

„Битола, која се наоѓа во Румелиската област, е хас на Фатма Султан, ќерка на султанот Ахмед Хан. Со градот управува војвода. Во него има шејхулислам, накибулешраф и претставува шериф кадилак… Инаку, Битола е седиште на спахиски ќетхуда, јаничарски сердар, градски војвода, емин-баждар, градски ќетхуда, мухтесиб-ага, баждар и мимарбаш, односно градски архитект. Во битолската чаршија избројав 900 дуќани. Во истата се познати чикрикчиите и терзиите. Во Битола има вкупно 40 кафеани. Безистенот е цврст небаре тврдина, со железни порти и украсени кубиња, па претставува мошне убава градба.

Бројни се книжевните големци во градот. Поетите и заљубените своето време го минуваат во кафеани и озборување, каде што има луѓе со необични чалми небаре птичји гнезда и танчерки кои на својата половина имаат обесени шарени ленти со ножеви.“

Прилеп

„Градот Прилеп го освоил Гази Худавендиѓар преку Тимурташ-паша. Тоа е војводството во Румелсикиот ејалает и угледен кадилак во ранг од 150 акчи. Тврдината се наоѓа на една остра црна карпа, која е оддалечена од градот. Изграден е од делкан камен во облик на шестоаголник. Од ниедна страна нема ритче, кое би доминирало над крепоста. Тоа е висока, тешко достапна и цврста крепост. Нејзините бастиони и градобрани се, исто така, добро зацврстени. Но, сега во тврдината има само три куќи и диздар.

Уште од освојувањето нејзините амбари стојат полни со просо. Градот е оддалечен од крепоста за еден топовски истрел. Тој лежи на источната страна во едно пространо песокливо поле и прилично е напреден. Градот има доволно првенци и угледни луѓе. И синот на Коџа – Арслан-паша, е господин, кој има хандан (конак) за прием на гостите. Градот има вкупно десет маала со илјада куќи, градени од цврст материјал, со пространи градини.“

Охрид

„Градот Охрид и неговата околина се исполнети со лозја и бавчи. Оној кој Охрид го гледа за првпат му се чини оти има десет до петнаесет илјади куќи. Во чаршијата и безистенот се собираат учени луѓе, но постојат и други меани и бозаџилници, пристапни за секого. Секако заради пријатниот воздух и вода, жените во Охрид се многу лични.

Сите имаат сребреникав тен и нежна става. Убавините на овој град се со светска слава, заради што мнозина продуховени луѓе, се населиле тука. Од овошјата, пак, најпозната е охридската дуња, додека во овој град постојат и 24 видови јаболки и исто толкав број разни круши.Јас такви круши не сретнав ниту во Малатја, ниту во Тебриз, Битлис и Шираз.Особено е сочна водената бегова круша.

Обичај во Охрид е во текот на зимата меѓусебно да се посетуваат и стари и млади. Притоа јадењата при една посета не смеат да се повторат на другата по неа, што е, исто така, обичај во овој град. Така, ниту слатките и различни видови компоти не смеат да се повторат. За време на гозбата кај Ахузадевци сакајќи да пробам од сите изнесени 26 видови компот, за малку ќе изгубев глава. Инаку, речиси сите луѓе во Охрид говорат словенски и грчки јазик, но албански не знаат. Притоа сите сосема добро и течно зборуваат и турски.“