Скопски легенди: Интересни приказни кои ја чуваат традицијата и се пренесуваат од колено на колено

Легендите претставуваат уникатни приказни кои ја чуваат традицијата и автентичноста на градот, а главниот град на Македонија изобилува со интересни приказни кои се пренесуваат од колено на колено.

Според една легенда, кон средината на 19 век, Авиз- паша сакал да изгради свои сараи на местото каде што имало најчист воздух. Со цел да го одреди совршеното место тој заклал три овна, ги закачил на ченгели и ги обесил на различни места во Скопје. Едниот ченгел бил обесен во Топаана, вториот во Чаир Маало и третиот на десниот брег на реката Вардар. Последно се расипало месото што било закачено во Чаир, па затоа пашата се одлучил таму да ги изгради своите конаци. Чаирчани до ден денес се горди на оваа легенда.

Друга интересна легенда е легендата за името на Гази Баба. Приказната вели дека Ашик Челби (за кого се знае дека бил историска личност) загинал на бојното поле, а потоа се случило вистинско чудо. Според легендата тој самиот си ја однел главата на местото на ридот каде денес се наоѓа турбето „Гази Баба“ и така ридот го добил своето име. Според друга легенда која ни ја раскажува професорот Трајковски, местото го добило името кога Турците гонеле ајдуци низ ридот, сретнале една баба и ја прашале „Кази бабо, каде се ајдуците?“, таа одбила да одговори и била убиена.

Уште една позната и интересна легенда е онаа за Медах Баба. Тој бил противник на Игит-паша, освојувачот на Скопје. Кога Медах Баба починал, од неговиор гроб, кој се наоѓал во чаршијата, потекла вода која се сметала за света и на нејзиниот извор доаѓале и муслимани и христијани.

Секако не можеме, а да не ја спомнеме легендата за настанувањето на самиот град. Скопската Котлина била базен во кој имало огромна карпа која била со тркалезна форма и наликувала на глава. Според легендата карпата била глава на огромен џин, кој бил проколнат од страна на злобен маѓепсник, кој откако го скаменил, со помош на своите магии му ги затворил очите, ноздрите, ушите и устата. Некој херој, кој овој чин го сметал за неправда, го предизвикал маѓепсникот. По долгогодишна борба, маѓепсникот бил поразен, а херојот со помош на своето копје, ги отворил очите, ушите, ноздрите и устата на големата глава, и на тој начин ги направил седумте патишта до скопската Котлина. Така доаѓа името „со копје“ кое подоцна се претопува во Скопје.

Седумте планини што го опкружуваат Скопје се: Водно, Скопска Црна Гора, Сува Гора, Китка, Жеден, Катлановска и Шар Планина, а седумте природни патишта се: Китка, клисурите Треска, Таорска, Качаничка и Дервенска, теснецот Групчин и Матејче во пазувите на Скопска Црна Гора. Овие патишта се очи и уши, ноздри и уста на Скопје. Градот низ нив гледа и слуша, дише и зборува. Секој што ќе помине на овие патишта ќе може да види со очите на Скопје, да слушне со ушите на Скопје, да диши со здивот на Скопје и да го разбере говорот на Скопје.