Слушнете како звучи црната дупка: НАСА подготви интересен и необичен ремикс на вселенски звуци
Универзумот не е сосема тивко место, без разлика што мислиме за него. Радио брановите кои доаѓаат од сите страни, во вакуумот што го сочинува универзумот, едноставно немаат можност да вибрираат во фреквенции што човечкото уво може да ги слушне. Но, тоа не значи дека тие не постојат.
За да покаже колку навистина е гласно во вселената, НАСА ги претвори радио брановите кои доаѓаат од црната дупка во соѕвездието Персеј, оддалечена повеќе од 200 милиони светлосни години од Земјата, во ноти или музика. Имено, радио брановите кои доаѓаат од црна дупка се предизвикани од изливи на жешки гасови. Кога овие бранови се претвораат во ноти, добиваме звуци кои се околу 57 октави под она што луѓето го слушаат.
Затоа, НАСА ги ресинтетизирала овие сигнали за да добие звуци во фреквенции што луѓето можат да ги слушнат, односно ги зголемиле за 57 или 58 октави. Крајниот резултат се звуци кои од една страна се мистични и необични, а од друга се малку страшни и дефинитивно нешто сосема поинакво од она на што сме навикнати.
И додека звуците од црната дупка во соѕвездието Персеј се застрашувачки, звуците што ги направиле со помош на податоци собрани со набљудување на дупка во центарот на галаксијата Месие 87 (која е и првата фотографирана црна дупка) потсетуваат на симфонија. Имено, за создавање на оваа симфонија, научниците користеле податоци од три различни извори – рендгенски зраци собрани од опсерваторијата Чандра, оптичка светлина собрана од вселенскиот телескоп Хабл и радио бранови снимени во опсерваторијата Атакама во Чиле. Во комбинација, тие даваат сосема поинаков впечаток на црна дупка од оној што го остави самата фотографија.