Со „Бесконечно царство“ до среќно и безгрижно детство благодарение на младата и амбициозна Николина Атанасова од Виница

Кога станува збор за едукација на нашите деца не треба да правиме компромиси и да се задоволуваме со минималното. Децата го заслужуваат нашето најголемо внимание и затоа е потребна едукација од најрана возраст, но она што е уште поважно е ваквите содржини да бидат квалитетни и соодветни за нашите најмили. Македонија има амбициозни млади луѓе кои се подготвени да го преземат овој товар на своите раменици и да „веруваат во невозможното“.

Николина Атанасова е дипломиран Новинар и менаџер за односи со јавност, а од недамна и магистер по Предучилишна педагогија. 26-годишната Николина, која живее и работи во Виница, смета дека луѓето, не мора да живеат во големите градови за да можат да креираат и да го живеат својот сон. Таа е медиумски едукатор специјализиран за креирање медиумски содржини и дигитални нагледни средства за образование и нејзиниот проект „Бесконечно царство“ е на пат да создаде нов правец во едукативната програма за деца.

Станува збор за авторски приказни од македонски писатели, актери, ентузијасти и креативци, кои децата ќе може да ги слушаат преку Youtube каналот на Николина Атанасова кој можете да го погледнете тука. Ние веруваме дека секој родител би бил благодарен на проект каков што е „Бесконечно царство“, па затоа ја прашавме Атанасова да ни раскаже нешто повеќе за тоа како се одвивало целото нејзино „патешествие“ во „Бесконечното царство“.

Како започна идејата за Бесконечно Царство?

Идејата за „Бесконечно царство“ трае со години. Мисијата започна уште во 2013 кога започнав со креирање на приказни за деца кои се емитуваа на локална телевизија во Кочани. Приказната продолжува со реализацијата на мојот дипломски проект со кој креирав предлог концепт за радио и телевизиска емисија за деца. Истиот за жал заврши во фиока, но трудот сепак сметам дека се исплатеше. Бесконечно царство е замислено како едукативна платформа под која јас креирам дигитални едукативни нагледни средства кои се наменети за едуцирање.

Каков беше патот од идеја до реализација?

Патот од идеја до реализација беше и сеуште е многу бавен. Но, ако цврство верувате во вашата идеја, не постои нешто што би ве спречило во реализацијата. На патот кон реализацијата ќе се соочите со милион пречки и предизвици. Зарем постои поинаков начин за учење и напредок?

Кој ти беше најголема инспирација и поддршка?

Инспирација црпам од предизвиците кои ми се „трн во око“ . Предизвик ми е да биде подобро кога станува збор за медиумски содржини за деца. Особено во делот на воспитно образовната компонента.

Кога станува збор за поддршката таа има огромна улога во мојот развој. Имав чест цел живот да учам од едни од најдобрите добри учители, ментори, тренери во секоја смисла на зборот. Оваа можност сеуште ја имам. Моето семејство секогаш е тука да ме потсети дека и невозможното е возможно. Веруваат во мојот сон и ми помагаат. Мојот партнер исто така верува и се жртвува. Тие знаат дека сум многу благодарна за тоа. Резултатите од поддршката се видливи.

Колку е важно за децата да имаат пристап до вакви содржини?/што претставува тоа за нивниот развој?

Знаете не е премногу опасно ако нема содржини за деца. Проблемот се појавува ако има содржини кои некој ги наменил за деца, а не се соодветни. Последиците се катастрофални, а никој не сноси одговорност за тоа. Децата се најосетлива и наивна публика. Во цел свет категоризацијата започнува со терминот „Наменето за целата публика“. Тоа е ужасно. Новороденчињата не можат да разликуваат фантазија од реалност. На тоа укажуваат научни истражувања. Тие треба да слушаат на оваа возраст, но не и да гледаат во екраните. Токму со таа цел јас започнав со креирање на аудио приказните. Следниот чекор е укинување на терминот „наменето за целата публика“ и едукација на родителите.

Според тебе кои се главните причини поради кои недостасува едукативна содржина за деца во македонските медиуми?

Моето истражување покажа дека повеќе од 90% од анкетираните родители сметаа дека нема доволно едукативни содржини за нивните деца. Повеќе од 90% од воспитувачите сметаат дека треба да постои едукативен медиумски канал и исто толку висок процент од нив би сакале да користат дигитални нагледни средства при реализацијата на активностите. И ете кратко после моето истражување се отвори новиот канал за деца на државната телевизија. Немаше никаков концепт. Едноставно се случи преку ноќ. Се емитуваат содржини од архива. Ни приближно не ги исполнува критериумите за едукативен канал за деца. Некако излегува дека главна причина е незаинтересираноста на надлежните соодветни луѓе да бидат на соодветно место. И тоа не се однесува само за овој проблем, туку и за многу други.

Што би им препорачала на твоите колеги кои би сакале да се ангажираат на ова поле?

Верувајте во невозможното.