Сопственик на ќебапчилница бесплатно ги храни бездомниците, но сега бараат од него да престане

Сопственик на ќебапчилница во Окланд, Нов Зеланд, во недела бесплатно ги храни бездомните луѓе едноставно поради добрината во неговото срце.

Сепак, други деловни субјекти од областа го замолија да престане со несебичното дело, поради загриженоста дека ќе го привлече „антисоцијалното однесување“.

Сопственикот на продавницата Зухаиб Абас Бангаш ги храни бездомниците од 17:30 часот секоја недела попладне, во неговата ќебапчилница „Gleneden Kebab“ во Западен Окланд. Неговата дарежливост, сепак, сега привлече критики од деловното здружение „Глен Еден“, кои му порачаа на Бангаш да престане.

Според деловната асоцијација, проектот на сопственикот на продавницата предизвикувал „загриженост“ за другите бизниси што може да страдаат заради бездомниците кои доаѓаат во областа. „Тие рекоа дека не се задоволни од она што го правам. Тие рекоа дека сите бездомници ќе дојдат овде, а другите бизниси ќе пропаѓаат.“, објаснува Зухаиб.

Според сопственикот на продавницата, тој го промовирал настанот на социјалните медиуми и не сакал да ги одбие гладните луѓе. Минатата недела, 17 ноември, на пример, 23 лица се појавиле за да добијат бесплатен оброк. „Јас правам добра работа. Веќе ветив дека ќе го сторам тоа, не можам да престанам сега.“, вели хуманиот човек.

Зухаиб живее во Нов Зеланд последниве осум години, откако го напуштил родниот Пакистан. Неговата сопруга за жал починала три месеци пред да замине, а Зухаиб ја донел одлуката да ги остави своите деца со баба им, додека тој заминал во странство за да заработи за живот.

Тој пристигнал во Нов Зеланд со ништо друго освен 20 долари. Откако по една година успеал да отвори своја мала ќебапчилница му се придружиле и неговите деца. Сопственикот на ќебапчилницата вели дека неговиот проект за бездомници е „една мала работа“ што може да стори, затоа што тој точно знае како е да се нема за леб.