Спектакуларна зграда: Швајцарија го гради најголемиот дрвен облакодер во светот

Градот Винтертур секако не е еден од најпознатите градови на оваа богата европска земја. Нема воодушевувачки погледи и езера како Женева. Ја нема ниту културната понуда на Базел, финансиската моќ на Цирих или средновековната архитектура на Луцерн.

Некогаш бил познат по својата индустрија, а денес по своите студенти и производство на висока технологија. Но, наскоро во него ќе се изгради нешто што би можело да го направи многу познат – највисокиот дрвен облакодер во светот!

Зградата која ќе го носи името „Rocket & Crucibles“ ќе се издигне точно 100 метри во воздух, што значи дека од највисоката сегашна дрвена зграда, норвешкиот Mjostarnet, ќе „премине“ дури 15 метри. Изградбата е потпишана од данската архитектонска фирма Schmidt Hammer Lassen во соработка со Cometti Truffer Hodel Architects.

Но, зошто воопшто да се градат дрвени облакодери? Бидејќи е многу полесен материјал од бетонот и бара значително помалку енергија за да се изгради.

Се разбира, да не зборуваме за влијанието врз животната средина, а пред да прашате – армираното дрво не е особено запаливо, па затоа огнот не треба особено да нѐ плаши.

Централната конструкција ќе биде изградена од дрво, но за подобро да се вклопи со околината ќе биде покриена со црвена и жолта теракота. Исто така, овој облакодер нема да биде осамен, туку до него ќе бидат изградени уште четири згради во кои ќе бидат сместени апартмани, како и ресторан и хотел.

Сè на сè, изградбата е планирана до 2026 година, а цената за метар квадратен веројатно ќе можат да ја платат само оние со многу длабок џеб.