Стивен Кинг толку многу го мразел филмот базиран на негова приказна што ja тужел продукцијата
Стивен Кинг, еден од највлијателните автори на хорор жанрот, е сведок на многу адаптации на неговите романи и раскази во филмски формати. Но, една адаптација го налутила толку многу, што тој поднел тужба.
И не, не станува збор за „The Shining“, иако многумина би помислиле така. Повеќе од 60 приказни на „Кралот на хоророт“ се адаптирани за екран, со мешан успех.
Од „Carrie“ (1976) на Брајан Де Палма до високо ценетата серија „IT“, делата на Кинг инспирирале хорор и трилер филмови во изминатите пет децении.
Со преку 200 раскази и повеќе романи зад себе, Кинг бил сведок на многу адаптации на своите дела, но често јавно изразувал незадоволство од некои од нив.
Пример е адаптацијата на „The Shining“ од 1980 година на Стенли Кјубрик, со Џек Николсон во главната улога. Иако филмот стана култен класик, Кинг го опиша како „вознемирувачки, изопачен и разочарувачки филм“.
Слично било и со адаптацијата од 1992 година на еден негов краток расказ.
Филмот, режиран од Брет Леонард, кој го напишал сценариото со Гимел Еверет, толку многу се разликувал од оригиналната приказна што Кинг поднел тужба за да го отстрани своето име од насловот. Оригиналниот расказ бил „The Lawnmower Man“.
Приказната на Кинг од 1975 година зборува за Харолд Паркет, човек кој повикува компанија за да му ја искоси тревата.
Но, Харолд открива дека човекот што го ангажирал може да ја управува косилката без да ја допира и се однесува бизарно, трчајќи по машината гол и на четири нозе.
Збунет од однесувањето на градинарот, Харолд дознава дека човекот работи за компанија која вовела нов метод и жртвува клиенти кои не го ценат процесот.
На крајот, Харолд не ја преживува средбата, бидејќи, и покрај неговите обиди да соработува, косилката го брка низ неговата дневна соба и брутално го убива.
Меѓутоа, мрачната премиса на расказот не е задржана во филмот од 1992 година, во кој Џеф Фахи глуми градинар со ментална попреченост, Џоб Смит.
Во филмот, способноста на Џоб да управува со косилката е резултат на научен експеримент што го спроведува д-р Лери Анџело, кого го игра Пирс Броснан.
Кинг инсистирал дека филмот на Леонард „нема никаква значајна поврзаност“ со неговата приказна, па во јули 1992 година, федерален судија пресудил во негова корист.
Во октомври истата година, на апелација било одлучено дека името на Кинг може да остане во екранските кредити, но мора да биде отстрането од рекламните материјали.
Кинг добил 2,5 милиони долари како дел од нагодбата.
Во 1994 година, дистрибутерот New Line Cinema бил казнет за непочитување на судот бидејќи првично не го отстранил името на Кинг од видеозаписите за домашна употреба на филмот.
Коментирај анонимно