Што се случува со нашиот мозок додека спиеме ноќе, спиеме преку ден и доколку воопшто не спиеме?
Тим на научници од Универзитетскиот колеџ во Лондон откри дека ноќниот сон игра клучна улога во рестартирањето на мозокот, дозволувајќи им на нервните врски да се одморат и поправат. Ова откритие додава дополнителна поддршка на хипотезата за синаптичката хомеостаза, која тврди дека спиењето е механизам за целокупното здравје на мозокот.
Еден од авторите на студијата, биологот Џејсон Рајчел, објаснува: „Иако функцијата на сонот останува мистериозна, тој може да послужи како период на исклучување кога врските во мозокот може да се ослабат како подготовка за нов ден и ново учење“.
Истражувачите ја проучувале синаптичката активност кај рибата „зебра“, чиј мозок е релативно лесен за набљудување и анализа. Откриле дека невроните на рибата создаваат повеќе врски во текот на денот и ги губат за време на спиењето. Овој процес се покажа не само природен, туку и неопходен за здравјето на мозокот.
„Ако шемите забележани кај рибите се точни и кај луѓето, тоа може да значи дека синаптичкото ремоделирање е поефикасно ноќе, кога навистина нѝ треба сон, отколку за време на дневниот сон“, вели Рајхел.
Оваа студија отвора нови хоризонти во нашето разбирање за улогата на спиењето во човечкото тело. Недостатокот на сон може негативно да влијае на нашата способност да апсорбираме и задржуваме информации, нагласувајќи ја важноста на редовен, здрав сон.
Сепак, многу аспекти на спиењето остануваат мистерија. Експертите продолжуваат да ја проучуваат улогата на спиењето во консолидирањето на сеќавањата и чистењето на отпадот од мозокот. Некои теории сугерираат дека во втората половина од ноќта мозокот може да врши други функции кои не се поврзани со закрепнувањето.
Коментирај анонимно