Колос од сто метри: НАСА ја покажа ракетата со која тргнува во ново освојување на Месечината

Додека Илон Маск се подготвува за патување на Марс, плановите на НАСА се малку поскромни. Американската вселенска агенција се подготвува за мисијата Артемида и испраќање на човечки екипаж на Месечината, што се очекува во 2025 година, а првиот чекор во таа мисија е лансирање на ракета од новата генерација наречена Систем за вселенско лансирање, која вклучува специјална капсула за астронаутите Орион.

Во вселенскиот центар Кенеди, НАСА за прв пат покажа целосно склопена ракета, а таа е, како што коментираат за Би-Би-Си, колос висок околу 100 метри и наскоро треба да лета во вселената и да го однесе Орион на 26-дневно патување, кое ќе опфати орбитација околу Месечината.

Пред тоа треба да се направат голем број тестови и доколку сите тестови се покажат успешни и доколку не се случат некои други непредвидени работи, да го очекуваме историскиот SLS лет во мај или можеби јуни.

Треба да се напомене дека за време на тој лет нема да има човечки екипаж во капсулата, но мисија со астронаути е планирана за 2025 година. Се разбира, и тоа под услов да не се случат некои неочекувани работи кои би можеле да ја забават мисијата.

На лансирањето на новата ракета, администраторот на НАСА Бил Нелсон рече дека генерацијата Артемида се подготвува да освои нови граници: „Програмата на НАСА Артемида ќе го отвори патот за следниот чекор на човештвото, идните мисии на Марс. Нема сомнеж дека сме во златното доба на истражување на вселената… Кога оваа монструозна ракета ќе полета, ќе ги однесе сите наши надежи во рајот“, изјавил Нелсон.