Страв и трепет за Османлиите: На денешен ден се родил јунак, чие херојство било опеано во многу песни
Ајде, ќе го барат, мале, ајде, ќе го барат, Иљо арамија, мила мале, Иљо арамија… ова е дел од народната песна за „Царот на Малешевијата“, Илија Марков, или за сите нас попознат како Дедо Иљо Малешевски. Ова е човек кој откако повеќе не можел да издржи да биде угнетуван, одлучил да се побуни, а неговата бунтовност го довела до тоа и денес да го паметат како национален херој.
Роден е на 28 мај 1805 година во Берово, се борел во многу битки против Османлиите и поради неговото херојство го нарекувале и Цар Малешевски. Тој починал на 17 април 1898 година во Ќустендил. Приказната за неговото херојство е долга, но интересни се нејзините почетоци.
Од обичен земјоделец до херој
Иљо бил обичен земјоделец кој се занимавал и со други физички работи низ околината. Тој предводел аргати и уште тогаш знаел како да „командува“ и да се справи со тврдоглавите османлиски бегови и разбојници. Иако бил неписмен, оставал впечаток на просветен човек. Бил великодушен, полн, широкоград и јак, средно висок со јуначко тело. Според еден негово современик, Иљо изгледал вака: „Долги црни коси, црн мустак, испечено лице, орлов нос, долгунесто лице, јасно и убаво чело и големи црни очи, мил поглед…“
Има неколку верзии за тоа како Иљо преминал на бунтовната страна. Според првата верзија тој не дозволил да ја потурчат неговата сестра и го убил Турчинот. Така тој се засолнил во Рилскиот манастир, каде што станал чувар на манастирските имоти. Две години по враќањето на Иљо од Рилскиот манастир, некои од беровските бегови сакале да се пресметаат со него. По оваа песметка се верува дека започнала неговата ајдучка „кариера“.
Во втората верзија, која е поприфатена се вели дека неговиот постар брат Станко бил скаран со еден Турчин, поради некоја нерасчистена сметка од собирањето на десетокот, кои тие заедно го вршеле. Иљо побарал од бајракатарот Мехмед да му ги врати трите оки на масло што му ги дал Иљо на вересија, тој се налутил и решил да го убие.
Додека Иљо и брат му Станко работеле на нивата ги нападнале неколку Турци. Станко бил смртно ранет, а Иљо во раката. Иљо успеал да убие неколку од напаѓачите, а потоа избегал ранет. Од овој момент тој станал ајдук.
Животот како ајдук
Од бројните незадоволни луѓе, Иљо избрал 15 души и ја формирал својата ајдучка дружина со свое знаме кое имало сива боја. Тој неколку пати формирал нови дружини, но секогаш имало неколку познати луѓе од претходните. Иљо војвода со својата дружина, според можностите, го чувал својот крај од разбојниците, ги придружувал трговците и карваните по опасните патишна и одврем навреме ги казнувал насилниците за нивните зулуми вршени врз населението.
Учествувал во балканските национални борби, Руско-турската војна во која што одлучил да се приклучи ранет и Македонското востание.
Прогласот на Дедо Иљо
На состанокот одржан на 8 септември во Рилскиот Манастир, на кој присуствувале и Димитар Поп-Георгиев Беровски и војводата дедо Иљо Малешевски било решено да се повикаат сите чети кои дејствувале недалеку од демаркационата линија да се приближат до Горна Џумаја. На повикот се одзвале повеќе чети и во Горна Џумаја се одржало советување со војводите за востанието. Пред почетокот востанито Иљо испратил проглас во кој било истакнато:
„Македонци нашата мајка стана и плаче со горчлив крик под турскиот оган и јатаган. Крвта на нашите родители е пролеана, синови и браќа викаат да се крене оружје против петвековните поробувачи и насилници, нашите малтретирани мајки, жени и сестри кои се под неподносливото и нечовечко турско однесување, плачат над нашите уништени домови и го чекаат нашиот одговор. Македонски и бугарски херои! Нашиот свет лав ‘ржи преку нашите македонски гори и долини и не повикува сите да земеме оружје. Каде и да сете, побрзајте заедно со нашите оружја во нашите раце, да ги спасиме тие невини жртви од ова валнако и зајадливо понижување. Сетете се дека нашите татковци ја пролеаа својата крв за грчката и српската слобода…Сетете се на настаните од претходната година и ќе видиме дека крвта од нашите….. сè уште стои на алексинаскиот и шипченскиот премин, чија крв тие не ја штедеа за нашата слобода…Македонци! Сега е време да ги убедиме нашите образовани предавници, дека Македонија дури и по пет века ропство може да раѓа и да има во себе синови, херои! Малешевски планини, Македонски востанички комитет.“
Илија Марков станал легенда додека дишел, а и така и ќе остане дури и по скоро 200 години од негово раѓање.