Студент примил 50 казни за непрописно паркирање иако нема автомобил, а ниту пак има положено

Замислете да немате положено, да немате автомобил и одеднаш да почнат да ви пристигнуваат казни за непрописно паркирање. Би биле непријатно изненадени во најмала рака. Студент добил 50 казни за непрописно паркирање иако не поседува автомобил, ниту пак има возачка дозвола.

Даниел Попеску дошол во Велика Британија од Романија и се сместил во Ипсвич во мај за да студира на Универзитетот во Сафолк. Тој вели дека бил шокиран откако му стигнало известување за 50 казни за непрописно паркирање на „Фолксваген голф“, паркиран во Брамфорд Роуд.

Тој објаснува: „Пред околу две недели, кутијата со писма беше толку полна и бев навистина љубопитен да видам што има внатре. Бев навистина шокиран од она што го најдов и веднаш помислив дека станува збор за некаква грешка.Но, тие ја имаа мојата адреса целосно точна – вклучувајќи ја и мојата домашна адреса и адресата од станот.“

Тој се јавил на надлежните органи, при што ДВЛА водела истрага за можноста тој да бил жртва на кражба на идентитет. Сепак студентот додава: „Јас продолжувам да добивам повеќе писма со кои се заканува правно дејство ако не ги платам казните и тие стануваат поагресивни. Овие луѓе исто така може да имаат пристап до моите банкарски детали и може да земат заем или слично на тоа. Ако некој отишол толку далеку што купи автомобил во мое име, тие јасно имаат пристап до сите мои лични податоци. Се преселив во Ипсвич сам за да студирам, без помош од моето семејство или пријатели. Во оваа ситуација немам кому да му се обратам за совет. Страшно.“

Портпаролот на Советот на Ипсвич Бороу, кој издава казни за паркирање, изјавил: „Почнавме темелна истрага со ДВЛА затоа што е доста сложен случај. Не очекуваме да преземеме какви било активности во врска со казнените известувања и ќе обезбедиме г-дин Попеску да се известува по потреба.“