Суровиот начин на којшто малите октоподи го започнуваат животот во океанската „вечна темнина“
На длабочина од три километри под површината на океанот, каде владее апсолутна темнина и леден студ, научниците откриле нешто неверојатно — цело поле со октоподи. Во 2018 година, истражувајќи го морското дно крај брегот на Калифорнија, биолозите наишле на собрание од десетици илјади главоноги мекотели, збиени на површина од само 2,5 хектари.
На прв поглед изгледале како да се вкочанети во молчеливо исчекување. Причината за нивното присуство била неверојатна — тоа било место за одгледување потомство.
Условите во коишто живеат октоподите
За октоподите животот на морското дно е исклучително тежок: температурата на водата не надминува 1–2 °C, што ги прави бавни и ранливи. Но, токму на ова место морското дно е загреано од геотермални извори — пукнатини во земјината кора испуштаат топлина од магмата, загревајќи ја водата до 5 °C. Иако не е многу, тоа е доволно за создавање на уникатни услови за размножување.
Немилосрден начин на опстанок
Јајцата на октоподите имаат потреба од топлина. Во површинските води малите се развиваат брзо, но во длабочините овој процес може да трае со години. Геотермалните извори се единствената шанса за опстанок на длабинските видови. Машките пронаоѓаат соодветно место, а женките остануваат со децата и до четири години — без храна и движење, во заштитна положба, со главата надолу.
Кога малите октоподи конечно се изведуваат, пред нив се простира мрак, леден студ и остатоците од нивната мајка. Нејзиното тело ќе биде првата храна што ќе ја вкусат. Така природата го создала еден од најсуровите, но и најефикасни начини за опстанок и продолжување на видот во најнепријателските предели на планетата.
Коментирај анонимно