Суштество што личи на дух откриено длабоко во океанот: „Вакво нешто досега не сме виделе“
Замислете дека тонете полека под морските бранови.
Како што паѓате, Сонцето станува сѐ помало, сѐ потемно и на крајот исчезнува. Ледената вода ве обвиткува, а притисокот сѐ повеќе расте. Сега сте во целосен мрак, на длабочина до која сончевата светлина не може да допре. И тогаш, изненадувачки, забележувате трепетлива светлина од суштество какво што луѓето никогаш претходно не виделе.
Тоа е новооткриениот вид нудибранхиум (морски полжав), кој слободно плива низ водената колона осветлена од биолуминисцентна светлина и украсен со лелеава качулка. Истражувачите од Аквариумскиот истражувачки институт Монтереј Беј (MBARI) во САД го пронајдоа ова суштество.
Bathydevius caudactylus е првиот познат нудибранхиум од ваков вид: не живее во плитки води или на морското дно, туку на повеќе од 2.200 метри под површината на Тихиот Океан, во бајтопелагичната зона, длабоко во отворените води.
„Повеќето нудибранхиуми живеат на морското дно во плитки води, па затоа беше многу изненадувачки да најдеме ваков вид толку длабоко во водената колона и далеку од дното,“ изјави морскиот научник Брус Робисон од MBARI за ScienceAlert.
Мистериозен морски полжав
Нудибранхиумите се едни од најинтересните морски мекотели. Често се со светли бои и украсени со уникатни шарки и додатоци. Тие обично живеат во корални гребени, каде што некои јадат корали, други алги, сунѓери, медузи или дури и други нудибранхиуми.
Нивната разновидност е позната, но ова откритие ја проширува идејата за нивните адаптации. Поради својата уникатност, MBARI истражувачите му дале привремено име „мистериозен мекотел“ кога првпат го забележале на длабочина од 2.614 метри, со помош на подводното возило за далечинско управување Tiburon.
„Кога првпат го снимавме како свети, сите во контролната соба извикаа: ‘Оооо!’ истовремено,“ рече Дејвид Хадок, истражувач од MBARI.
Суштеството има стапало како морски полжав, голема отворена качулка и опашка со додатоци што се движат во текот. Неговата проѕирна кожа овозможува да се видат розовите внатрешни органи. Кога се чувствува загрозено, нудибранхиумот произведува биолуминисцентна светлина, која делува како одбранбен механизам.
Уникатен начин на преживување
Една од најфасцинантните одбранбени стратегии на ова суштество е одвојувањето на дел од својата опашка, што светнува и се движи за да ги одвлече предаторите, слично на гуштер кој ја одвојува својата опашка.
Во период од 20 години (2000–2021), истражувачите пронашле 157 единки од овој вид, од кои 32 детално ги проучиле, а 18 од нив ги зеле за лабораториски анализи.
„Највозбудливиот аспект на ова откритие е што за првпат направивме сеопфатна почетна студија за нов вид од длабокото море, опфаќајќи анатомија, дишење, биолуминисценција, размножување, исхрана, генетика и однесување,“ изјави Робисон.
Во својата природна средина, Bathydevius користи својата волуменозна качулка за да фаќа плен, претежно ракови. Наместо стандардниот „грапав јазик“ што го користат другите нудибранхиуми, овој вид го голта пленот преку уста лоцирана во задниот дел од качулката.
Иако постојат два други вида што користат слична техника, нивната поврзаност со Bathydevius е далечна, што укажува на тоа дека оваа способност еволуирала независно.
Флексибилна еволуција
Bathydevius, како и други нудибранхиуми, е хермафродит. Истражувачите набљудувале примероци како полагаат јајца на морското дно на длабочина од 4.009 метри. Во лабораторија, едно од заробените суштества ослободило јајца што за три дена се развиле во ларви.
Ова откритие го поставува прашањето дали сме биле премногу ограничени во нашите претпоставки за тоа што природата може да создаде.
„Bathydevius е радикално различен од сите други нудибранхиуми, бидејќи е добро адаптиран на екстремната средина во која живее. Еволуцијата успешно ги надминала предизвиците на преживувањето на оваа длабочина,“ заклучува Робисон.
Ова ни покажува дека еволуцијата на нудибранхиумите е многу пофлексибилна отколку што сме мислеле.
И претходно имам коментирано на оваа тема, па бидејќи велат „повторувањето е мајка на знаењето“, уште еднаш да повториме дека човекот до сеа има истражено само 5% од водените површини!!! Шо се има тука, кој знаи?
Коментирај анонимно