Свештеник изнудувал пари од парохијаните и ги трошел на машки проститутки, клубови и дијаманти
Поранешниот италијански свештеник, познат како „Дон Евра“ затоа што постојано барал пари од своите парохијани, е осуден за изнуда на поранешниот бискуп, според Би-Би-Си.
Лука Морини, кој го загуби свештенството и статусот по низа скандали, во средата е осуден на седум и пол години затвор. Тој, исто така, беше осуден за лажно претставување откако глумел судија додека ангажирал машки сексуални работници.

Тој беше ослободен од други обвиненија, вклучително и изнуда на калуѓерка. Морини бил свештеник во Понтасерчи, тоскански град со 2600 жители северно од Пиза. Во почетокот, парохијаните го доживувале како добронамерник, но набрзо го доби прекарот Дон Евра поради постојаните барања за парични прилози.

Според италијанските медиуми, парите што ги собрал Морини не ги потрошил за неговата црква, туку за забави, клубови и дијаманти. Пресудата за изнуда се однесува на поранешниот бискуп на Маса Карара, Џовани Сантучи, кого го уценувал да му позајми стотици илјади евра и да му купи куќа.

На Морини му е наложено да плати отштета од 14.000 евра на четворица мажи поради лажно претставување. Обвинителите бараа подолга казна, но таа беше намалена бидејќи судот пресуди дека Морини боледува од ментална болест.
