Талентираната убавица беше прогласена за национален херој на Барбадос откако државата прогласи независност

Барбадос ја прогласи Ријана за „национален хероj“ откако земјата стана независна република.

Кралицата Елизабета Втора сега е сменета од функцијата шеф на државата на Барбадос, 396 години откако нацијата стана дел од Британската империја и 55 години по стекнувањето независност од ОК. Дамата Сандра Мејсон оттогаш положи заклетва како прв претседател на карипскиот остров.

Пејачката на  хитот „Umbrella“, која е родена во Бриџтаун, Барбадос, ја доби честа од премиерот Миа Мотли за време на настанот за прослава на разделбата на земјата со нејзиниот поранешен монарх.

„Во име на една благодарна нација, но уште погорд народ, ви ја претставуваме кандидатката за национален херој на Барбадос, амбасадорката Робин Ријана Фенти. Нека продолжи да сјае како дијамант и да и носи чест на оваа нација со нејзините дела, со нејзините постапки“, рече премиерот.

Ријана е 11-тиот национален херој на земјата, но само втората жена што некогаш ја добила титулата, а со тоа стана „Правата почесна Робин Ријана Фенти“.

Таа, исто така, ја носи почесната титула амбасадор за култура и млади во Барбадос од 2018 година. Во 2008 година, поранешниот премиер Дејвид Томпсон, исто така, го прогласи 22 февруари за „Ден на Ријана“, кој жителите на Барбадос го одбележуваат секоја година, иако не добиваат слободен ден од работа или училиште.

Кралицата Елизабета Втора испрати „ желби за среќа, мир и просперитет во иднина“ додека се надева на „продолжување на пријателството“ меѓу ОК и Барбадос.

Принцот Чарлс, говорејќи на церемонијата, рече: „Од најтемните денови на нашето минато и ужасното злосторство на ропството, кое засекогаш ги валка нашите истории, луѓето на овој остров го коваат својот пат со извонредна цврстина. Еманципацијата, самоуправувањето и независноста беа вашата цел. Слободата, правдата и самоопределувањето беа вашите водичи“.