Температурите растат, а тие излегуваат надвор! Кои се најопасните змии во Македонија?
Се почесто сме сведоци на змии кои се појавуваат во урбани средини низ Македонија. Иако ова би било секојдневна глетка во Австралија, на пример, кај нас сѐ уште постои голем страв кај луѓето од змиите. Најчесто е прашањето кои се отровни и што може да ни се случи доколку бидеме каснати.
За да ви биде полесно треба да знаете дека во Македонија нема голем број на отровни змии. Односно има само три вида отровни змии, единаесет вида смокови, еден вид црвовидна змија и еден степски удав, што е вид боа. Поскокот, шарката и степската лутица се сметаат за најопасните, а од полуотровните се сретнуваат смоковите вдлабнаточелен и телескопус (мачји смок, мачја змија).
Но, отровните змии не очекувајте да ги видите во урбана средина. Шарките живеат на поголеми височини, а степската лутица може да се види на Шар Планина и Бистра, како и на други планини од Западна Македонија. Сепак на поскокот можете да налетате и на пониски предели.
Како да разликувате отровна од неотровна змија?
Поскокот ќе го препознаете по рокчето на муцката, веднаш над клунената лушпа. Составено е од 9 -17 лушпи распоредени во 2 напречни редови. Достигнува 5 мм и е меко и свитливо. Поскокот е најотровната змија во Европа. Карактеристично за отровните змии е што имаат триаголна глава што е поголема од телото, за разлика од другите на кои што главата им изгледа дека е поврзана со телото. Шарката и степската лутица, меѓу другото, се разликуваат по распоредот на лушпите на главата. Шарката е бавна, со многу кратка опашка, со елипсовидна и сплосната глава, која што јасно се одделува од трупот. Во споредба со своите поголеми сродници, шарката е ретка опасност за човекот, но за малите животни е моментално смртоносна.
Едно е сигурно за овие змии. Не треба да бидат провоцирани! Иако е отровен поскокот не се смета за змија која прва напаѓа, односно е мрзоволен и напаѓа кога е испровоциран.