Тие беа магнет за суперјахти и туристи, а сега сè е замрзнато: „Ние ги сакаме Русите и зависиме од нив“

По инвазијата на рускиот претседател Владимир Путин на Украина во февруари, Црна Гора, нова членка на НАТО и кандидат за ЕУ, се најде во неочекувана позиција бидејќи санкциите ја загрозуваат нејзината економија.

Секој удар врз економијата може да се покаже фатален за земја со само 620.000 жители. Околу една четвртина од економијата отпаѓа на туристичкиот сектор, кој во голема мера се „храни“ од Русија повеќе од една деценија.

„Ни се допаѓаат Русите и зависиме од нив“, рече Даница Казанегра Греговиќ, извршен менаџер на туристичката агенција Гуливер Монтенегро во крајбрежното летувалиште Будва.

На главното шеталиште во Будва почесто се слуша руски отколку црногорски, а има и барови и училишта за руски емигранти, чија заедница брои неколку илјади луѓе. За Греговиќ и многу други, инвазијата на Украина, брзо проследена со санкции од Западот врз руските финансиски институции и забраната за летови низ Европа, предизвика страв од негативни последици.

Моментот не може да биде полош. За дестинација како Црна Гора, зависна од туризмот и тешко погодена од пандемија, претстојната сезона со нетрпение се чекаше бидејќи сите ја гледаа како можност да профитираат од туристите желни за патување. „Веќе преживеавме неколку години со не многу одлична туристичка сезона. Ова ќе не погоди потешко отколку што би сакале да признаеме“, рече Греговиќ.

Неизвесна иднина

Покрај постоечките тешкотии, парите што пристигнуваат на пазарот на недвижности долж црногорското крајбрежје престанаа да течат бидејќи на Русите им е се потешко да ги префрлат своите пари во странство.

Со години, безвизниот режим и благите инвестициски закони ги поставуваа темелите руските пари да се слеваат во Црна Гора. Ова предизвика ненадеен скок на пазарот на недвижности, кој некогаш недопрениот пејзаж на црногорското крајбрежје го претвори во куп станбени згради и станови.

„Поголемиот дел од парите инвестирани на брегот дојдоа од Русија“, објасни Дејан Миловац, заменик извршен директор на антикорупциската група Манс.

Црна Гора беше омилена дестинација за Русите да купуваат недвижен имот или да го сокријат својот имот од законот, додаде Миловац.

Русите, исто така, го сочинуваат мнозинството корисници на политиката за економско државјанство на Црна Гора, кои ги наградуваат лицата кои инвестирале 450,00 евра во земјата со пасош.

Нешто повеќе од 65 отсто од таканаречените „златни пасоши“ се доделени на руски државјани во последните 14 месеци. Но, по инвазијата и придружните санкции, две различни агенции за недвижности во Будва објавија дека купувањето на недвижности во градот престанало.

„Се е запрено. Градењето или запре или луѓето работат со голема мака“, вели Јован, 44-годишен сопственик на кафеана во Будва.

„Ова се случува неколку месеци пред туристичката сезона и ќе доведе до проблеми кои ќе му наштетат на бизнисот.“, додаде тој.