Три викенд препораки за вашата следна авантура

Престојот во природа и редовната физичка активност се навики кои го штитат здравјето, а за наша среќа, живееме во земја каде природните убавини и пространствата едноставно не’ повикуваат да излеземе да ги истражиме. На која страна и да тргнеме, патот ќе не’ одведе до некое ново место кое досега не сме го откриле, а за кое ќе раскажуваме уште долго откако ќе заврши нашата авантура. Ако и понатаму не можете да се одлучите каде да одите и кои места да ги посетите, тогаш се надеваме дека нашите предлози ќе ви дадат барем некаква идеја каде да одите следниот викенд.

По повеќе од една година, конечно патиштата, градовите и туристичките локации ширум земјата се раздвижуваат, а тоа е знак дека сега е вистинско време и вие да се пуштите во потрага по нова локација за опуштање. Барем на момент, заборавете на високите температури и секојдневните обврски и препуштете се на убавините на Македонија!

Разгледајте ја Шар Планина на велосипед

Можеби требаше да се случи многу одамна, но од неодамна Шар Планина беше прогласена за четвртиот национален парк во Македонија. Планинскиот предел долг 80 километри и широк 30 километри изобилува со природни убавини. На планината има околу стотина извори, а Шар Планина е и трета по ред на Балканот по бројот на глацијални езера, кој изнесува 30, од кои 21 се постојани. За вистинските авантуристи, сега е вистинската шанса да ја доживеат Шара на вистинскиот начин – преку разгледување на велосипед. Обележаната патека за велосипедисти ви ја нуди можноста да ги разгледате убавините на Шар Планина качени на две тркала, придружени од искусни водичи кои подобро ќе ве запознаат со околината.

Летајте над Скопје со балон на топол воздух

А сега, за едно сосем поинакво доживување. За првпат во Македонија, ви се нуди шанса да ја разгледате прекрасната околина од високо, преку летовите со балон на топол воздух кои се изведуваат над Стенковец. „Македонија од високо“ е проект развиен и финансиран од Европската Унија, а имплементиран од Здружението Македонски авантуристички дисциплини – Скопје. Иако се граничи со екстремна активност (најмногу поради висината на летање), сепак чувството горе во воздухот е незаменливо и едноставно го одзема здивот.

Овие неколку идеи се само дел од потенцијалните активности кои можете да ги преземете летово ако сакате да ја истражите Македонија и да научите нешто повеќе за неа. Ако веќе конвенционалниот, подолг одмор планирате да го искористите некаде надвор од границите, тогаш викендите резервирајте ги за прошетка низ нашата татковина.

Во последните неколку години се’ повеќе луѓе се заинтересирани да ги посетат најважните туристички локалитети во Македонија, што дефинитивно придонесува за развојот на домашниот туризам. За дополнително да го поттикне овој тренд, Европската Унија го финансира и го спроведува четиригодишниот проект Local and Regional Competitiveness Project (LRCP), кој има за цел да ја зајакне инфраструктурата и капацитетите на некои од најпознатите туристички места, да ја зголеми експертизата кај туристичките работници и да придонесе кон развој на туризмот и како економска гранка. Дознајте повеќе на: https://lrcp.mk/en/about-lrcp/project-overview/.

Мирно лето во топлиот Дојран

Летото во кое туристичката сезона се враќа во нормала не’ става сите во позиција да најдеме одговор на прашањето: Каде да одиме попрво? Дојран е место кое многумина од вас веројатно одамна го немаат посетено, а сигурно би се изненадиле од тоа колку ова мало гратче е променето во последните неколку години. Неодамнешната инвестиција за изградба на зелена рекреативна зона, детски игралишта и парк за миленици од страна на Local and Regional Competitiveness Project (LRCP) и Владата на Република С. Македонија создава удобно катче за опуштање за секој член на семејството.

Подобрената инфраструктура и поставувањето на шеталишта насекаде околу Дојранското езеро овозможува конечно тоа да се види во сиот свој сјај, а големиот број на сместувачки објекти ќе ви понудат различни видови сместување во зависност од вашите барања.   Интимноста и мирната атмосфера која ја нуди Дојран ја прави оваа историски популарна туристички дестинација идеална за поминување мирен и опуштен одмор за вас и вашите најблиски.