„Умирам горд со името на својот народ!“: На денешен ден се родени 3 херои кои ги дадоа своите животи за Македонија
Приказните за најголемите херои за жал завршуваат трагично, а Македонија сведочи за многу такви. Сепак како понови генерации ни останува само да го одржуваме споменот за нив и да не забораваме што сториле за ние да имаме подобра иднина. Овие луѓе иако потекнуваат од различни периоди и секој си има своја цел и секон дал своја жртва, едно им е заедничко, сите го дале својот живот за Македонија.
Алексо Поројлијата
Алексo Николов Малчев, познат како Пороjлиjaта или Пороjски бил македонски револуционер, војвода и деец на Македонската револуционерна организација и Врховниот македонски комитет. Тој е роден на 20 октомври во 1864 година во селото Долно Порој, денес, Грција.
Алексо војвода води голем број на борби со турскиот аскер во Поројско и Петричко. Учествува во Горноџумајското востание во 1902 година. Умира во борба со турскиот аскер на 15 јули 1903 година во месноста Аџиица помеѓу селата Стиник и Игуменец, Петричко. Тешко е повреден и за да не падне жив во рацете на непријателот се самоубива со револверот. Војската ги исекла нивни главите, ги набила на колци и ги разнесувала низ Стиник, а оттаму во Петрич и Демир Хисар.
Антон Попов
Антон Николов Попов е роден во Попово Маало, с. Игуменец (денес во Гега), Пиринска Македонија, на 20 октомври 1915 година. Тој бил македонски писател, комунист, учесник во илегалниот отпор против фашистичкиот режим во Бугарија. Бил еден од основачите на Македонскиот литературен кружок.
Потекнува од семејство на херои кои сите си го дале животот за татковината. Завршил средно училиште, а подоцна кога имал доволно средства и факултет во Софија. Во Софија работел и како нивинар и ја напишал статијата „Дали постои македонска нација“, каде што дава позитивен одговор и секако предизвикал револт.
По нападот на нацистичка Германија врз СССР заедно со Никола Вапцаров стануваат членови на Воениот центар при ЦК на БКП, каде пројавил вонредна активност. По апсењето на Вапцаров на 4 март 1942 година, набрзо, на 24 април бил уапсен и Антон Попов. Во судскиот процес против ЦК БРП на 22 јули е осуден на смрт и на 23 јули, заедно со Никола Вапцаров и четворица други бугарски комунисти, е стрелан на софиското гарнизонско стрелиште.
Во писмото пред стрелањето запишал: „Умирам за еден нов свет, кој што ќе огрее со толку светлина, со толку убавина, така што мојата жртва за него не е ништо. Умирам горд со името на својот народ, за чие што добро работев до последен миг, за чија што добра иднина умирам.“
Мирче Ацев
Мирче Ацев е роден во Ореовец, 20 октомври 1915. Тој бил македонски комунист, учесник во НОВ. Бил член на Покраинскиот комитет на КПЈ на Македонија од 1941 година и член на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија. Бил прогласен за народен херој на Југославија на 29 јули 1945 година.
Мирче Ацев е израснат во револуционерно семејство и неговите предци во неколку генерации дале борци за националното ослободување на македонскиот народ. Тој бил активен и во друштвото на македонските студенти, „Вардар“, додека студирал на Правниот факултет во Белград.
Заедно со Страшо Пинџур го подготвувал печатењето на партискиот орган, весникот „Искра“. Уште во самиот почеток на бугарската окупација се вклучил во народноослободителното движење. Во писмото испратено од него до Љупчо Арсов, кој тогаш бил интерниран во Бугарија, пишувано на 30 ноември 1942 година, опишувајќи му ја тешката положба на населението, бидејќи покрај физичкиот терор, вршен е и психолошки терор од групите кои слугувале на бугарските сили, нагласува дека населението јасно ја увидело сликата кој е окупатор, а кое е ослободително движење.
Најинтересен е фактот што ракописното писмо зачувано од Мирче Ацев е пишувано со ракописна македонска азбука, каква ја користиме и ден денес. Со, ова писмо се побиваат и големобугарските манипулации за непостоење на македонска азбука и писмо, пред 1945. Писмото се чува во архивот на Институтот за национална историја.
Тој бил уапсен и свирепо мачен заедно со Страшо Пинџур од страна на бугарските власти. Тие и самите биле шокирани како Мирче издржал таква тортура без да изусти ниту еден збор, а спред нивните сведоштва не сакал ниту да вреска. Откако го фрлиле заедно со Страшо од прозорец за да изгледа како самоубиство, трагите на неговото тело биле очигледни.
Мал дел од писмото од нивните соборци го опишува теророт и грозоморната слика на нивните тела:
„На колку хиљади чесни Македонци им се дигна косата кога го видоа Мирчета во болничка мртвачница и во Прилеп кога го закопуваа со исечени прсти, со извадени нокти и искинато месо от коските. Македонските мајки, татковци и сестри виделе ногу свој синови и бракја мачени и утепани, но до ceгa вакви дзверски и нечовечно мачене немајат видено. Вака не мачеле ни турските јаничари, башибозлуци и крджалии како што мачат Хитлеровите и бугарски фашисти. Додека Пинджурот го скрија да не се гледаат неговите искршени коски, оти поучени от Мирчевиот случај, виде како за резилок стануват во очите на народот.“